1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Студенти запалиле зграда на Универзитетот во Каиро

По неколку дена откако Муслиманското братство беше прогласено за терористичко здружение, судирите во Египет не престануваат. Денеска во Каиро животот го загуби еден студент и беше запален објект на Универзитетот.

При судирите меѓу исламистичките студенти и силите за безбедност денеска (28.12) во Каиро е убиен еден студент. Уште четири лица се повредени, потврди Министерството за здравство.

До немирите дојде откако приврзаниците на забранетото Муслиманско братство на првиот ден од сесијата за испити ги блокирале пристапите до универзитетот. Исламистичките студенти подметнале и пожар во зградата на Ал-Азхар универзитетот во главниот египетски град. Поддржувачите на соборениот претседател Мохамед Мурси влегле во факултетот за трговија и подметнале пожар, изјави еден претставник на силите за безбедност. Два ката на зградата биле опустошени, пред пожарникарските екипи да го стават пожарот под контрола.

Полицијата во судирите привела околу 100 студенти. Тие биле вооружени со сачмарки и молотови коктели.

Универзтитетот Ал-Азхар е центар за сунитско-исламистичките студенти. Тој во изминатите недели беше центар и на протестите на Муслиманското братство против соборувањето на Мурси од власт во јули годинава, кое тие го означуваат како пуч.

Египетската влада измината среда го прогласи Муслиманското братство за терористичко здружение. Оттогаш властите уапсија стотици членови и демонстранти на Братството. Освен тоа тие затворија повеќе десетици каритативни институции и фондации на забранетата организација.

Критика од Хјуман Рајтс Воч

Организацијата за заштита на човековите права Хјуман Рајтс Воч во меѓувреме жестоко го критикуваше категоризирањето на Муслиманското братство како терористичко здружение. „Владата (во Каиро) се чини дека е мотивирана само од желбата да разбие големо опозиционо движење“, се вели во соопштението за печатот, кое денеска е објавено во седиштето на организацијата во Њујорк.

Поврзана содржина