1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Студентите промовираат толеранција и почитување

Мисијата на ОБСЕ во Македонија и факултетите за педагогија во Скопје, Штип и Тетово една година реализираат активности за засилување на капацитетите на идните наставници што ќе работат со деца во мултиетничко општество.

default

„Мнозинството на наставниците се неподготвени да предаваат и да учат деца од други етнички групи. Речиси половината од нив се стремат во своите класови да прават навредливи коментари во врска со другите етникуми“. Овие констатации произлегоа од студијата, која ја реализираше во 2009 година Мисијата на ОБСЕ во Скопје со истражувањето меѓу четири илјади ученици во средните училишта во земјата. Со цел да се надмине ваквата ситуација и да се намалат меѓуетничките напнатости, ОБСЕ веќе една година спроведува проект наречен „Зајакнување на капацитетите на наставниците, кои ќе работат со деца во мултиетничка средина“.

Неопходна е висококвалитетна пракса

Емилија Симоновска Јаначковска од Одделот за образование на ОБСЕ во Скопје во врска со проектот вели: Очигледна беше потребата од поголема подготовка на идните наставници за работа со деца од друга етничка група, и затоа истата година ОБСЕ одржа низа средби со сите педагошки

Prof. für Pädagogik Fadbi Osmani Universität Tetovo

Професор Османи

факултети во земјава. Сите факултети беа сложни околу неопходноста за висококвалитетна пракса за идните наставници, таа пракса да се изведува во мултиетничка средина. Крајната цел на овој проект е поддршка на образовната реформа преку подготовка на идните наставници и социјални работници за работа со деца во мултиетничка средина. Со него досега се опфатени 295 студенти и околу 720 ученици од основно образование. Во неговото реализирање се вклучени и осум невладини организации, кои во фокусот на своето внимание ги имаат припадниците на македонскиот, албанскиот, ромскиот и другите етникуми. Во моментов се спроведува третата фаза од овој проект, која ќе заврши на 31 декември 2010 година.“

Според Фадби Османи, професор од катедрата за педагогија на Државниот универзитет во Тетово, „студентите на педагошките факултети во Штип, Скопје и Тетово, кои учествувале во практичните обуки во рамки на проектот на ОБСЕ, имаат поуспешен професионален развој и тие веќе здобиле подобри професионални вештини за изведување настава во мултиетничко опкружување во

Tetovo, Mazedonien

Тетово

училиштата, наспрема оние, кои го изведуваат редовниот воспитно – образовен процес, но без вакви обуки“.

Тој посочува и на нешто што смета дека е од суштинска важност во мултиетничките училишта, кое треба да го поттикнуваат наставниците, заради поголема меѓуетничка толеранција и заемно почитување на етничките и јазичните различности: „Треба да се направат поголеми обиди да се прифати македонскиот јазик, бидејќи тоа е општо добро за сите ученици, но, зошто и македонските ученици да не го учат албанскиот јазик?“

Ана Томовска, експерт за интеретничка едукација од Универзитетот „Американ колеџ“ од Скопје, како еден од авторите на студијата „Мултикултурализмот и образованието“ од 2009 година на УНИЦЕФ и Центарот за човекови права и разрешување етнички конфликти од Скопје, укажува и на некои од клучните заклучоци од оваа студија, на кои, според неа, треба да обрнат особено внимание идните и сегашни наставници: „Анализата на учебниците укажува дека тие поттикнуваат етноцентризам наместо да даваат основа за градење граѓански идентитет. Во поголемиот број од учебниците нема содржини, ликови, слики и автори, кои овозможуваат запознавање со културата и традицијата на 'другите' етнички заедници и увидување на заедничките основи. Училиштата во земјата се поделени по етничка и јазична основа. Капацитетот на наставниците треба да се подобри преку воведување соодветни промени во програмите за иницијална обука и професионално усовршување, со кои наставниците ќе се подготват за реализација на наставните цели што се однесуваат на прифаќање и почитување на 'другите’ во мултикултурната и мултиетничката реалност на земјата.“

Проектот на ОБСЕ усогласен со владината стратегија за интегрирано образование

Симоновска Јаначковска дополнува: „Проектот е заеднички финансиран од Сојузна Република Германија и Мисијата на ОБСЕ во Скопје. Во текот на овој период ОБСЕ организираше и студентски посети на другите градови: студентите од Тетово беа гости на студентите од Битола, студентите од Штип беа гости во Тетово ... Тоа беше важен елемент од целиот проект. Во наредната година Мисијата на ОБСЕ ќе продолжи со натамошната поддршка на проектот за обука на идните наставници и социјални работници, што е во согласност и со владината стратегија за интегрирано образование.“

Во својот извештај за досегашниот тек од примената на овој проект за мултиетничка едукација во земјата проектниот тим пренесува зборови на двајца студенти, кои минаа низ практичните обуки на работилниците:

„Се запознав и комуницирав со колегите од другите етнички групи, при што здобив сознанија во врска со разрешувањето на етнички конфликти и од други области. Секогаш мислев дека работата со деца од други етнички групи ќе биде тешко, но, овој проект ми помогна да се преиспитам и да го сменам ова мое мислење“, напоменува Џелал Адеми, студент на Државниот универзитет во Тетово.

„Станав посвесна дека секое дете е индивидуа. Имав некои предзнаења, но сега се чувствувам многу посигурна во решавањето на проблемите на децата“, вели Ангела Пејовска, студентка на Државниот универзитет во Штип.

Во доменот на развивањето на капацитетите на наставниците експертите сугерираат дека е потребно „тие да се обучат да ги препознаваат негативните етнички стереотипи и предрасуди кај себе и другите и активно да им се спротивставуваат во училишната практика, едновремено промовирајќи етничка интеграција, наместо етничка поделба“

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Александра Трајковска