1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Студентите повторно го окупираа софискиот Универзитет

Група студенти повторно ставија клуч на портите на Ректоратот на софискиот Универзитет, но нивните барања се исти како и при сличните протести минатата есен - оставка на владата и нови избори

Започнаа шестмина. Решаваат да окупираат, стапуваат во акција и ставаат катанци на вратите. Половина ден подоцна, во универзитетот веќе има 80 студенти. Втората окупација на Ректоратот на софискиот Универзитет „Св. Климент Охридски“ е извршена во саботата (25.01.) ноќта. Подоцна стигна веста дека е окупиран и Универзитетот во Пловдив.

„Повикуваме да се окупираат сите универзитети во земјата, секој факултет, да се блокираат патиштата. За да сфатат тврдоглавците во парламентот дека треба да си заминат“, вели Тони Господинов, студент по право и политика и лидер на новата окупација.

Барањата на студентите се истите како и при претходната окупација на универзитетите - оставка на владата и распуштање на парламентот, со едно дополнување. Овојпат тие бараат и оставка на ректорот на софискиот Универзитет, Иван Илчев, кого го обвинуваат за блискост со власта и притисоци врз студентите за време на есенските протести.

Studenten besetzen Universität in Sofia

Тони Господинов,Манол Глишев и Веселин Недков

Помалку или повеќе, се работи за истите студенти кои ја предводеа и есенската окупација. Тие се сметаат за радикално крило на студентското движење „Ранобудни“.

Јадрото на окупацијата се тројца студенти кои се членови на Ранобудните. Освен Господинов, тука се уште и студентите по историја и хемија, Манол Глишев и Веселин Недков. Тие ги поседуваат клучевите од Ректоратот и одлучуваат кој може да влезе во зградата.

„Нештата се како во периодот октомври-ноември минатата година, само што овојпат немаме намера да омекнеме и да ја прекинеме окупацијата. Напротив, планираме да бидеме трн во окото на Народното собрание“, вели Глишев.

Незаинтересираност во општеството

На новите окупатори им е јасно дека односот на јавноста кон нив овојпат не е ист, и дека за дел општеството стануваат здодевни нивните акции. Ректорот Иван Илчев беше уште подиректен: „Лицата кои учествуваат во акцијата се со психологија на двегодишни деца, кои тропаат и викаат: 'Сакам'“.

Но, студентите ваквите оценки не ги интересираат.

„Имаме незаконска влада, која не победи на изборите. Имаме противзаконски Уставен суд, кој постави на должност, како народен претставник, човек кој не е тоа. Имаме поранешен заменик шеф на Народното собрание кој е суден за перење пари. Имаме пратеник кој навредува и напаѓа странски дипломати и новинари, па што уште треба да се случи“, се чуди Манол Глишев.

„Ние не повикуваме на насилство, но на ниту еден начин не се разграничуваме од луѓето, на кои им е дојдено преку глава“, велат студентите.