1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Студентите на државен тест - за непартиски студентски протест!

Катерина Блажевска9 декември 2014

Ставени во сендвич на меѓупартиски вербални пресметки, студентите се обидуваат вториот протестен марш да го заштитат од вовлекување во туѓи и партиски битки

https://p.dw.com/p/1E1F0
Фотографија: AFP/Getty Images/R. Atanasovski

Два дена пред најавениот втор студентски марш, Министерството за образование и наука до сите универзитети во Македонија го испратило нацрт-предлогот за полагање државен испит. Од УКИМ потврдуваат дека го добиле нацрт-предлогот, а по меѓууниверзитетската конференција, академската заедница ќе излезе со јавен став за тоа прашање. Во меѓувреме, Студенскиот пленум се подготвува за утрешниот втор студентски марш и за полагање уште еден испит што им го наметна власта - да докажат дека нивното незадоволство не е поттикнато од опозицијата, туку исклучиво од неконзистентните експерименти на власта со и во образоването. Премиерот Груевски јавно ја обвини опозицијата дека е организатор на студентските протести и ја повика да си организира партиски митинг, а не да се крие зад студентите.
„Илјадници студенти кои велат „не“, се факт со кој ВМРО – ДПМНЕ не може да се помири. Затоа Груевски причините ги бара насекаде, наместо да се гледа себе си и да признае дека образованието, здравството и економијата се уништени“, одговорија од опозицискиот СДСМ.
Ставени во сендвич на ваквите меѓупартиски вербални пресметки, студентите, кои пред неколку дена упатија повик за солидарност за поддршка на маршот, сега се обидуваат да ги спроведат своите активности без да бидат вовлечени во туѓи битки.

Studenten Demo in Skopje 17.11.2014
Студентите велат дека нивната борба е натпартиска и наднационалнаФотографија: AFP/Getty Images/R. Atanasovski

Натпартиски протест

Ана Нешовска од Студентскиот пленум, вели дека ова студентско тело во неколку наврати потенцира дека студентската борба е натпартиска и наднационална.

„Барањата ги надминуваат партиските припадности. Како значаен општествен сегмент, како студенти упорно ја потенцираме нашата интелектуална независност, нашата слободна и критичка мисла која не е диригирана од ниедна популистичка агенда, туку е консеквенс на разумноста и обмисленоста. Ги слушаме и следиме разните изјави и прес-конференции, но тие ни создаваат уште поголем мотив и желба да бидеме дотолку посамостојни. Автентичноста на Пленумот е бесценета. Сите страни ова ќе го сфатат порано или подоцна. Пиемонт на Студентскиот пленум се аргументите, кои не се насочуваат против партиите, туку против неправдата. Аргументите се базирани на факти, анализи и компарации, а не на лични желби и перцепции, ничии, па дури ни на Пленумот“, објаснува Нешовска.

Очекуваат поддршката кон студентската борба да биде изразена на маршот, а тие што ќе дојдат ги очекуваат исклучиво како студенти и граѓани.

„Пленумот нема да дозволи да биде поврзан и етикетиран со ниедна партиска, национална или верска етикета. Спроведувањето на марш е политички чин сам по себе, но не и партиски. Идејата за марш дојде на третиот пленум, од студент, и беше поддржана од студенти. Пленумот ги артикулираше и ги артикулира барањата на студентите. Паралелно со борбата на улица, во контакт сме, или барем се обидуваме да бидеме во контакт со сите релевантни административни тела“, потенцира Нешовска.

Ако се суди според реакциите во јавноста, особено на социјалните мрежи, бројката на најавени поддржувачи на студентскиот марш - е голема. Со тоа и обврската на студентите да се заштитат од разни партиски облежја кои би можеле да ја компромитираат нивната заложба. За таа цел Студентскиот пленум вчера испрати допис до сите лидери на партиски подмладоци, со очекување да влијаат врз нивни членови кои одлучиле да го поддржат студентскиот марш, со почитување на неколку принципи: На маршот да земат учество како студенти или засегнати граѓани, а не како партиски активисти; да не истакнуваат партиски симболи; да не провоцираат или да земаат учество во било какви активности кои може да доведат кон започнување или ескалација на насилство помеѓу учесниците во протестот, кон полициските сили и кон приватен или државен имот. Во спротивно, Студентскиот пленум ќе бара преземање на морална и политичка одговорност, не само за свесно нарушување на протестниот марш, туку и како партиски подмладок кој не поддржува независен студентски активизам и заштита на студентските интереси.

„Почитувајте ја нашата решителност. Дозволете да продише граѓанскиот активизам“, апелира Студентскиот пленум.

Studenten Demo in Skopje 17.11.2014
Од протестите на 17 ноември во СкопјеФотографија: AFP/Getty Images/R. Atanasovski

Подалеку од пoлитиката!

Според политиколози, во општество во кое секој протест е осуден на партиско етикетирање, студентите се нафатија со многу комплексна задача: да ја оспорат потребата од државен испит и да покажат автономност во нивната битка. Политикологот Владимир Мисев смета дека треба да опстојат во битката нивните активности да не бидат ставени во погон на политиката.

„Студентите се обидуваат да бидат инклузивни, да вклучат припадници на различни партии и идеологии. Во максимално исполитизирано општество какво што е нашето, и во општество каде политиката е перцепирана како една од највалканите и најкоруптивни работи, студентите се обидуваат да ја задржат парадигмата на чист протест, знаејќи дека се соочени со игра на Владата која се обидува да ги делегитимира, за да ги отстрани нивните барања. Со оглед дека поголемиот дел од раководството на движењето се студенти на политички науки, ќе спомнам еден совет што своевремено ни го даваа професори на тие студии: 'Да не влегуваат во политика. Односот политиколог - политичар е идентичен како меѓу криминолог и криминалец'. Треба да се единствени, конзистентни и да не се декларираат јавно дека се приврзаници на некоја партија, бидејќи таргетираат голем општествен слој кој можеби нема никаква врска со партии и политика“, сугерира Мисев.

Од друга страна, поранешниот министер за образование и наука, Сулејман Рушити, смета дека студентите воопшто не треба да ги засега дали некој ќе ги стави во политичко-партиски контест.

„Од страна на Владата намерно се дефокусира дебатата од есенцијалното прашање за реалните проблеми и незадоволството на студентите и протестите, со тоа што се оценуваат како иницирани од опозицијата. Студентите тоа не треба да ги засега. Напротив, треба да бидат двигатели на политичко дејствување во државата. Јас дури и позитивно гледам на можноста тие да бидат катализатор на дејствувањето на опозицијата, а таа да биде на браникот на правата на студентите. Бидејќи на крајот повторно политиката ќе одлучува дали ќе има или не државен испит. Студентите не треба да се искомплексираат од етикетите од Владата. Ако политиката е таа што го произведе поводот за нивниот протест, зарем сега студентите треба да се правдаат зошто протестираат? Повод има, треба да бидат истрајни“, дециден е Рушити.

Студентски клиентелизам

По најавата дека и средношколци ќе се приклучат кон утрешниот студентски марш, со оглед дека тие ќе бидат идните полагачи на евентуален државен испит, се прoширија информации за притисоци врз директори и професори во средни училишта со цел да го оневозможат илзегувањето на учениците на улица. Од Студентскиот пленум тврдат дека досега немале директни притисоци. Сепак, студентите се предмет на секојдневни „скриени“ притисоци кои играат значајна улога во премолчувањето на нивните очигледни проблеми, вели студентот Владимир Делов.

Vladimir Misev
Владимир МисевФотографија: Vladimir Misev

„Имено, постои своевиден 'студентски клиентелизам' кој е резултат на системот на зависност кој го создадоа владејачките партии и кој 'де факто' ја купува студентската послушност. Ваквиот клиентелизам е присутен и во други сфери на општеството, а значајно влијае и врз студентскиот живот. На пример, можноста за живеење во студентските домови е често пати условена со партиска книшка. Оттука, за нормалните добра кои треба да му следуваат на секој студент, поставен е дополнителен неформален услов, а тоа е партиската послушност. Тоа е дел од притисокот кој се врши уште пред да биде изразено незадоволството. На овој начин проблемите се кријат и се премолчуваат, а студентскиот стандард и квалитетот на високото образование стагнира. Понатаму, дипломираните студенти се соочуваат и со дополнителни проблеми при вработување: многу често членската книшка има поголема вредност од универзитетската диплома. Притоа, пазарот на труд не ја врши својата улога на избирањето на најдобрите, а успеваат само најпослушните и најдобро поврзаните. Ваквиот клиентелистички систем на притисок и желбата ова да се промени претставува наш дополнителен мотив“, објаснува Делов.

Ваквите сознанија кои укажуваат дека токму партиската политика која е длабоко навлезена во партизирање на студентското секојдневие, а која експериментира со реформи и бара беспоговорно прифаќање на нејзините мерки, дополнително ги револтира студентите. Неодамнешното видео што го објави Студентскиот пленум, „Индекс или пасош“, недвосмислено предупредува каков би можел да биде епилогот од безбројните експерименти во образованието. Иако одливот на млади од земјата е акцентиран како голем проблем во Македонија, актулените политики говорат дека во практика власта повеќе се грижи дали незадоволството на младите ќе се излее на улицата, отколку надвор од границата.