1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Студени реакции на грчкото гласање

Грчкиот парламент го усвои пакетот мерки за штедење и државата избегна банкрот. Додека во Грција зоврива гневот против штедењето, реакциите во Европа за гласањето се воздржани.

Оној кој очекуваше дека грчката влада ќе добие пофалби од Европа остана разочаран. „Го поздравуваме исходот од гласањето како важен чекор во вистинска насока“ – Симон О’Конор, портпаролот на еврокомесарот Оли Рен, тоа не можеше повоздржано да го формулира.

Тој веднаш ја нагласи следната важна одлука, а таа е за грчкиот буџет за следната година и треба да биде донесена в недела, на 11-ти ноември.

„Успешниот исход и од тоа гласање очигледно дека ќе биде суштински во насока на поплочување на патот за Еврогрупата, која во понеделник треба да ги продолжи разговорите, но и за двата други клучни елементи, кои треба да бидат договорени - имено, анализи за одржливоста на долговите и договор за потребите на Грција од идни финансирања“, објасни О’Конор.

EU EU-Währungskommissar Olli Rehn in Brüssel

Студена реакција стаса од портпаролот на еврокомесарот Оли Рен

Исплатата под знак прашалник?

Конкретно, во понеделник во Еврогрупата треба да се расправа за исплатата од следната рата од грчкиот пакет за спас. Бидејќи односите меѓу Тројката и грчката влада се конструктивни, постои надеж дека во понеделник ќе се дојде до позитивен резултат, оценува портпаролот на Оли Рен.

Како и да е, усвојувањето на државниот буџет во недела не е гаранција дека Брисел ќе и’ ја исплати на Атина следната транша, нагласува Симон О’Конор, бидејќи е потребен договор за прашањето – како долгот да се намали на одржлив начин, но и за финансиските потреби на Грција.

Грција има обврска

Еврокомесарот Оли Рен пред гласањето на пакетот мерки за штедење посочи дека грчкиот парламент има одговорност. Покрај структурните реформи и консолидирањето на буџетот, мора да се зборува и за финансиските потреби на Грција и како можат да се намалат долговите во некоја прифатлива форма. Тој искажа воздржан оптимизам во врска со исплатата на следната рата од пакетот помош.

„Но, секој мора да го исполни својот дел – ЕУ, ММФ и секако грчката влада и грчкиот парламент“, дополни Рен.

Германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле ги замагли очекувањата за брза исплата на следната транша од финансиската помош.

„Стравувам дека во следната недела нема да постигнеме договор за Грција“, рече министерот Шојбле.

Griechenland Sitzung im Parlament

Од грчкиот парламент се очекува да го усвои во недела и буџетот за следната година

Респектирање на напорите

Не малкумина во бриселските политички кругови сметаат дека Грција нема друг избор, освен да ги спроведе реформите, смета Јанис Еманулидис од бриселската тинк-тенк организација „Европски центар за политики“. Коментирањето на сите одлуки не е неопходно и веројатно заморува, смета политикологот.

Сепак, германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле даде зборови на поддршка за гласањето на пакетот болни мерки за штедење. Тој тоа го оцени како значајна посветеност на неопходната консолидација и реформската политика.

„Ние многу ги респектираме напорите на многу луѓе во Грција да ја надминат кризата. Европа и Германија стојат солидарно зад Грција и избраниот реформски курс“, рече Вестервеле.