1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Студирање во Германија

Стручно усовршување

Теоретско потковување за време на часовите и практична примена на знаењата на обука во некоја компанија - ова го нудат т.н. академии за стручно усовршување низ Германија.

default

Теорија и пракса во еден студиски пакет

Во покраините Баден-Виртермбер, Саксонија, Тирингија и Берлин постои алтернатива, покрај универзитетите и високитe школи, да се запишат студии на т.н. дуални факултети, односно на академија за стручно усовршување. Овие академии нудат студии од областа на економијата, техниката и јавните услуги. Академии за стручно усовршување спонзорирарни од приватни лица, кои се признати на државно ниво има и во други сојузни покраини во Германија. Предуслов за упис се успешно положена матура или, пак, диплома за завршено соодветно средно образование со договор за стручно усовршување во институција, односно компанија која соработува со академијата на која лицето сака да студира. Дуални студии, покрај академиите за стручно усовршување, нудат и некои други факултети.

Како функционира дуалниот систем?

Deutschlandweit einmalige Studiengänge in Halle

Модернизирани предавања за подобро учење

На академиите за стручно усовршување се студира вкупно шест семестри според дуален систем. Тоа значи, студентот паралелно следи студии и посетува практична обука во претпријатије или во јавна институција. На тој начин, студентите, од една страна се ангажирани професионално, стекнувајќи искуство во вистински ситуации со нивните колеги и со клиентите, а од друга страна следат настава во која се потковуваат теоретски: имаат утврден распоред на часови, домашни задачи, семестрални испити итн. Практичниот и теоретскиот дел на студиите се менуваат според одреден ритам. За време на студиите, претпријатијата им даваат одредена финансиска помош на студентите за покривање на нивните основни потреби.

Бачелор за три години

После три години студирање на академиите, студентите се стекнуваат со диплома за завршен бачелор (додипломски студии). Оваа диплома ја има истата вредност како и дипломите стекнати на високите школи. Многу компании му придаваат големо значење на овој вид студии, бидејќи за разлика од вообичаените факултети, студентите на академиите за стручно усовршување веднаш практично го применуваат знаењето стекнато на часовите.

Успешни вработувања

Стапката на преземање на дипломираните студенти на академиите од страна на претпријатијата изнесува околу 90%. Некои претпријатија се обврзуваат со договори да им доделат работно место со одреден временски рок на студентите веднаш по дипломирањето. Во други случаи, студентите кои посетувале обука во некое претпријатије и примале финансиска помош од него, мора да се обврзат да работат одреден период за тоа претпријатије. На некои од академиите се нудат и интернационални студиски програми со кои се предвидува и престој на факултети-партнери во странство.

Автор: Клаудија Унзелд / Далибор Стајиќ

Редактор: Александра Трајковска