1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Стружани со поделени мислења

Заседанието на Училишниот одбор во „Нико Нестор“ се покажа безуспешно. Претставниците од Владата своето отсуство го оправдаа со презафатеност. Во Струга мислењата се поделени.

default

Граѓаните на Струга немаат решение за проблемот со тепачките во училиштата

Дијалогот на локално ниво, од засилен со присуството на двајцата вице – премиери и двајца министри не го даде посакуваниот резултат. Вчера Училишниот одбор во „Нико Нестор“ и по неколку часа разговори зад затворени врати остана поделен. Присутните Албанци биле за мешани, а Македонците за чисти јазични смени, како преодно решение. Цврстиот, веќе слушнат, став и на едните и на другите се чини беше главниот аргумент во Струга да не допатуваат повторно вице – премиерите Зоран Ставрески и Абдулаим Адеми заедно со министерот за образование Перо Стојаноски, иако отсуството подоцна го оправдаа со презафатеност. Сега останува локалната власт да преговара со Училиштниот одбор, Наставничкиот колегиум, ама и со Советот на родители, па дури потоа да го покани владиниот тим како медијатор во овој не така едноставен процес. Наставата не е комплетна и во гимназијата „Ибрахим Темо “, со што случајот се комплицира.

Напнато исчекување

Во Струга лебди исчекувањето, иако од надвор гледано се’ тече по вообичаениот тек. Мислењата меѓу граѓаните се поделени.

Диел студира Правен факултет и за Дојче Веле изјави: „Јас сум против етничката поделба. Сето ова има политичка позадина. Партиите сакаат да го свртат вниманието врз себе и да ги привлечат граѓаните.“

Schule Niko Nestor

Ученици пред едно од средните училишта „Нико Нестор“

Диел вели дека има пријатели Македонци и дека добро живее со нив: „Имам многу во Струга и низ цела Македонија. Спортуваме, се дружиме, соработуваме без никакви проблеми.“ Тој има рецепт за образовната криза: „Постои начин да се надминат проблемите, доколку се седнат двете страни и да разговараат како луѓе, а не како политички милитанти“.

Средовечната Мирјана има слично видување, кое сепак ја погодува генезата на цикличната криза во образованието. „Возрасните се повеќе замешани отколку децата. Секогаш кога ќе дојде нешто актуелно, тогаш децата се тепаат. Проблемот е на друга страна. Се согласувам со еден коментар на средношколец кој рече: не делат во градинка, одиме во различни смени во основно, а во средно сакаат да се дружиме. Во право е! Соживотот треба луѓето да го градат од мали нозе.“

Проблемот е во градинките

Слична е и тезата на психологот Ирена Дончевска од училиштето„Нико Нестор“. Таа потенцира дека за жал многумина од средношколците токму во нивните клупи за првпат се среќаваат со своите врсници од друг етникум. Државата со невладиниот сектор има широко поле за едукација и делување во оваа насока, тврди таа. Во нивното училиште се одвивал проект поддржан од ОБСЕ и Младинскиот образовен форум насловен: „Управување со соживотот“ или „Акција за Струга“, вели Дончевска: „По завршувањето на обуките наставниците и учениците имаа можност да реализираат подпроекти во училиштето. Дел од тие проекти беше и изучувањето на албанскиот јазик од страна на професори и ученици – Македонци. Останатите професори организираа работилници со ученици за комуникација и запонавање на другиот.“

Schule Niko Nestor

Двете средни училишта делат ист двор - и исто така проблеми со насилството

Психологот Ирена ни откри дека кај нив се спроведува и проектот „Вештини на комуникација“: „На крај од декември заврши првиот дел од Проектот, чие продолжување е се’ поизвесно. Околу 150 ученици од двете училишта Македонци, Албанци и Турци имаа можност да ги изучуваат вештините за дебатирање и аргументирано говорење. Учениците имаа активна улога и можеа да кажат свое мислење за проблеми, кои за нив се најважни.“

Двоен проблем

Средните училишта „Нико Нестор“ и „Ибрахим Темо“ делат еден двор, а бројат околу 3000 ученци. Во суштина тие се засебен град во срцето на поетска Струга. Очигледно сите се свесни за потребата од спокојно решавање на проблемите и намалувањето на тензиите. Енергијата и импулсивноста на младите од сите етникуми најважно е да се скроти и да се насочи во активности кои ќе ги зближуваат, а нема да ги раздвојуваат.

DW.COM