1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Струга: Тензиите во училиштата се минато

За гимназијата „Ибрахим Темо“ од Струга тензиите на меѓунационална основа се минато. Професорите и учениците спокојно работ неколку меѓународни проекти кои им ги отвораат погледите.

Средните училишта „Нико Нестор “ и „Ибрахим Темо“ делат еден двор, а во нив учат над 3200 ученици: Македонци, Албанци и Турци. Политичарите често манипулираа со дел од нив.Тоа резултираше со тепачки, тензии, прекини на наставата и долги и мачни собирања на наставниците, родителите и надлежните за да се смират страстите, вели Урим Крека директор на гимназијата „Ибрахим Темо“. Со добра реорганизација и меѓусебна доверба се обидовме младешката енергија заедно со креативноста на професорите и педагошко - психолошкиот тим да ја насочиме кон подигнување на воспитно – образовните цели во училиштето и се чини успеавме. Првиот поголем проект и размена го имавме меѓу ученици од Поградец – Албанија, Ново Место – Словенија и Козенца од Италија.
„ Бидејќи овде како трет странски јазик се учи италијанскиот, нашите ученици одат 10 до 15 дена таму. Така го усовршуваат јазикот. Таму се сместуваат кај свои врсници и обратно“.

Gymnasium Ibrahim Temo in Struga Mazedonien

Урим Крека, директор на гимназијата „Ибрахим Темо“

Се патува, учи и се споделуваат искуства

Ученици и професори неодамна беа и во Турција, а четири ученички беа дел од проектот „Мултикултура “ во Романија. Преку заеднички весник на македонски, албански и англиски се учат на почитување на мултиетничноста. Во проектот се вклучени уште 9 земји од Европа. Во јуни 20 средношколци и 10 професори од Струга ќе посетат едно училиште во Келн – Германија:
„Нормално е, очекуваме од таму да се вратат со нови искуства во однос на наставата, воспитниот процес и учењето и по враќањето дел од тоа да примениме тука“, вели Крека. Ученичките Татјана и Рита со воодушевување зборуваат за проектите во кои учествувале:

„Нови пријатели, нови знаења кои се користат дали во училиште или во тимска работа и решавање на проблеми“.
„Се‘ ми се допадна, а најмногу дружењето со нови пријатели од светот. Ми оставија впечаток и работилниците и прошетките“.
Во училиштето пак се учи во мешани смени. Арзу и Даница, велат дека преку проектите подобро се запознаваат и градат пат на доверба :
„Имаше случаи, иако сме од исто училиште, па не се препознававме со врсниците од друите националности. Но сега се знаеме и се дружиме заедно“.
„ Да не се двоиме на пример- е, тој е Албанец не одам со него во училиште и не излегувам со него. Ама џабе се проектите, ако свеста не се развие меѓу нас учениците “.

Schule Niko Nestor

Училиштето „Нико Нестор“, архива


Педагогот Светлана Симакоска ја потврдува корисноста од меѓународните проекти и додава:
„Македонското образование е на доста високо ниво во споредба со тоа што досега сме го посетиле. Мислам дека со образованието можеме да се рамниме со голем број држави“.
Во „Ибрахим Темо “ со гордост истакнуваат дека нивните ученици покажуваат одлични резултати на државните натпревари во сите области, а матурантите имаат висока проодност на факултетите.

Тензиите се минато – политиката надвор од образованието

Симакоска и Крека сметаат дека тензиите се минато:
„Ги имаме заборавено веќе. Готово, тоа е минато, да не бидам толку скромна. Се надевам дека ќе продолжи така и натаму и дека учениците ќе соработуваат меѓу себе и ќе учат, дека нема да ги интересира политика и партиите, туку да напредуваат во интелектуален и друг поглед“.
„Очигледно политиката често наоѓа секакви можности за да дојде, да профитира. Ние ќе се трудиме да сме подготвени и тоа да не го дозволиме во двете училишта. Политиката да биде надвор од образованието“.

На пример матурантите од овој навидум мал мултиетнички град славеа одделно, но на разделба меѓусебе си посакаа среќа.