1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Строс-Кан сепак жртва на заговор?

Доминик Строс-Кан утрото на 14-ти мај оваа година беше шеф на ММФ и најизгледен кандидат за иден претседател на Франција. Вечерта истиот ден, тој заврши во притвор поради тужбата за сексуално злоставување.

default

Американски новинар ги подгрева теориите за заговор во случајот со Доминик Строс-Кан

Во приказната која му ја запре претседателската кандидатура, се појавија нови детали, кои ги засилуваат озборувањата дека во целата приказна свои прсти вмешал и францускиот претседател Никола Саркози.

Евард Џеј Епстајн, познат новинар-ветеран од Њујорк, кој од убиството на американскиот претседател Кенеди буди внимание во јавноста со своите смели теории на заговор, ги реконструираше случувањата од 14-ти мај за „Њујорк Ривју оф Букс“. Кога се појави написот, партијата на Саркози веднаш го осуди и го нарече манипулација. Епстајн во својот текст опишува како Строс-Кан упаднал во сексуална замка, која внимателно ја подготвувал тимот на Саркози.

Епстајн во разговор за АФП вели дека лично не зборува за „политичка завера“, туку дека е уверен оти некој се обидел да ја урне и попречи претседателската кандидатура на Строс-Кан, која се очекуваше. Адвокатот на Строс-Кан, Вилијам Тејлор порача дека е можно неговиот клиент да бил „цел на свесни намери“ да се „уништи неговата политичка моќ“.

Dominique Strauss-Kahn

Доминик Строс-Кан беше ослободен поради недостаток на докази

Бројни несогласувања

Несомнено е дека Строс-Кан на 14-ти мај имал орален секс со собарката Нафисато Даило во една хотелска соба во Њујорк. Строс-Кан и неговите адвокати изјавија дека тоа се случило со заедничка согласност. Сепак, 32- годишната собарка го обвини Строс-Кан за обид за силување и сексуално злоставување.

EU Gipfel Nicolas Sarkozi

Се тврди дека во аферата која го однесе Строс-Кан на обвинителна клупа прсти вмешал францускиот претседател, Никола Саркози.

Обвинителството во Њујорк се повлече од тужбата поради неверодостојноста на жената сведок и бројните противречности во нејзината изјава. Токму на противречностите се навраќа Епстајн во својата анализа, па дури пронаоѓа и неколку нови. Неговата реконструкција од минута во минута покажа дека собарката најрано влегла во собата на Строс-Кан во 12:06, а веќе во 12:13 Строс-Кан и‘ се јавил на својата ќерка и договарал ручек со неа.

Даило го обвини Строс-Кан дека ја бркал по хотелската соба и се обидувал да ја силува анално и вагинално и на крајот дека ја присилил на орален секс. Малку е веројатно дека тоа можело да се случи за само шест минути. Освен тоа, Епстајн тврди дека докажал како Даило минути по наводното силување била и во соседната соба и тоа повеќе пати, а во таа соба престојувал еден гостин во хотелот, што е спротивно на наводите на собарката.

Кој е мистериозниот гостин во соседната соба?

Кој е мистериозниот гостин во соседната соба, француската хотелска групација „Софител“ не сакала да му открие на новинарот, укажувајќи на заштитата на приватноста на гостите. Но, факт е дека на видео записот од камерите се појавува непозната личност, наведува Епстајн, како и дека токму таа личност е длабоко вплеткана во целиот случај. Мистериозниот лик се појавил на испрашувањето на собарката Даило, во разговорите со претставниците на безбедносните служби, па дури откако скандалот стана јавен и на триминутен танц на веселба со Брајан Јеарвуд, одговорното лице за безбедноста во хотелот.

Dominique Strauss-Kahn Verhaftung New York USA

Не се открива кое е мистериозното лице што било сместено во соседната соба на Строс-Кан и се појавува на повеќе снимки

Персоналот во хотелот задолжен за безбедноста одигра сомнителна улога во целиот случај. Полицијата е информирана дури по неколку часови, иако Џон Шеан, директорот за безбедност на компанијата „Акор“, во која спаѓаат и хотелите на групацијата „Софител“, многу брзо бил запознаен со инцидентот. Интересно е дека на патот кон хотелот, тој разговарал со некого во средиштето на „Акор“. Непосреден претпоставен на Шеан е Рене-Жорже Кери, долгогодишен политички пријател на Саркози, уште од времето кога бил министер за внатрешни работи.

Кери токму тој ден бил гостин на Саркози во неговата ложа на еден фудбалски натпревар. Кери тврди дека дознал за целиот случај дури по апсењето на Строс-Кан. Близок познаник и поранешен колега на Кери е Анж Мансини, кој е координатор на Саркози за тајните служби.

Целиот мозаик го пополнува Јави Граф, претставник за итни случаи во хотелите „Софител“, а и тој има најдобри врски и пријателства се‘ до највисоките француски кругови во владата. Граф подоцна испрати мејл, кој излезе во јавност, а во таа порака Граф се гордее дека токму тој го „срушил Доминик Строс-Кан“.

Кој се‘ влегувал во собата на Строс-Кан?

USA Frankreich IMF Dominique Strauss-Kahn unter Hausarrest in New York Polizeiauto

Полицијата го уапси Строс-Кан на аеродромот

Уште едно прашање се поставува за протоколот на отворање на собата со чип-картичка. Додека Строс-Кан бил под туш, непосредно пред наводниот обид за силување на собарката, неколку личности влегувале и излегувале од неговата соба.

Една чип-картичка користела собарката, а друга еден вработен во хотелот, кој никогаш не е прашан ниту за исказ, ниту за своите видувања на случувањата, бидејќи се наоѓал во собата на кратко во клучните моменти.

Како и каде исчезна телефонот „Блекбери“ на Строс-Кан?

Дел од сомнителниот мозаик во целата приказна е и смартфонот „Блекбери“ на Строс-Кан. Според истражувањата на новинарот Епстајн, Строс-Кан бил информиран утрото на 14-ти мај дека во неговиот телефон „влегле“ хакери, и тоа од страна на неговите политички противници. Наводно, почнале да циркулираат приватни мејлови, кои Строс-Кан и ги испраќал на својата сопруга и тие стигнувале во средиштето на партијата на Саркози, УМП.

Dominique Strauss-Kahn NYPD

Наместо телефон, Строс-Кан доби налог за апсење

Тој ист „Блекбери“ исчезнал на 14-ти мај околу пладне и од тогаш му се губи секаква трага. Како што покажале фајловите за логирање, апаратот бил исклучен во 12:51, а пред тоа не е користен, како и дека потоа веќе никогаш не бил вклучен. Строс-Кан забележал дека му го нема телефонот на пат кон аеродромот. Тој и‘ се јавил на ќерка му и на хотелот и ги замолил да го побараат неговиот телефон. Вработените во хотелот го лажеле Строс-Кан дека го нашле телефонот и дека го испратиле кон аеродромот, а всушност по Строс-Кан доаѓале полицајци со налог за притвор.

Автор: Ален Леговиќ / Александар Методијев

Редактор: Жана Ацеска