1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Строс-Кан нема волшебно стапче за Србија

Поранешниот директор на Меѓународниот монетарен фонд Доминик Строс-Кан, кој прифати да ја советува Владата на Србија, изјави дека нема да биде лесно, но дека е можно опоравување на српската економија.

Доминик Строс-Кан денеска (17.09) на прес-конференција во Белград изјави дека му е потребно време за да подготви решенија што ќе и‘ ги предложи на Србија: „Ќе се обидам да помогнам, но тоа нема да биде лесно. Светската економија не е во добра состојба, постојат големи проблеми. Ситуацијата во Србија исто така не е добра, но мислам дека тоа е можно“, рече Строс-Кан, кој како што наведе во наредните три месеци ќе работи бесплатно, а за подоцна ќе види.

Според екс директорот на ММФ, Србија има добра политичка гарнитура. Тој нагласи дека е убеден оти Владата ќе донесе вистински одлуки. На прашањето што го привлекло да дојде во Србија, Строс-Кан одговори: „Затоа што ја сакам Србија“.

Српскиот вицепремиер Александар Вучиќ нагласи дека Строс-Кан ќе има помош од тим луѓе во Париз и Белград и додаде дека очекува оти советниците ќе помогнат да се најде најдобро решение за фискалниот дефицит, јавниот долг и падот на индустриското производство на земјата. На прашањето дали репутацијата на Строс-Кан, кој беше обвинет за силување, ќе влијае врз српската Влада, Вучиќ одговори дека не сака да зборува за чиј било приватен живот, додавајќи дека Строс-Кан е економски експерт.