1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Стратешка грешка на Груевски или стапица?

Зошто македонскиот премиер Никола Груевски го одбил предлогот на посредникот Метју Нимиц за решение на спорот за името? Дел од аналитичарите во РМ велат дека направил грешка, други тврдат дека постапил добро.

default

Метју Нимиц и Никола Груевски во 2008 година (архива)

За аналитичарите блиски до опозицијата одбивањето на предлогот на медијаторот Метју Нимиц од 2005 година, земјата да се вика Република Македонија со латинична транскрипција, за по три години да си го врати името Republic of Macedonia, е несфатлива стратешка грешка. За аналитичарите блиски од владејачката партија одбивањето на таквиот предлог од страна на Груевски е исправен чин, бидејќи станувало збор за стапица.

Лидерот на Социјалдемократскиот сојуз Бранко Црвенковски, синоќа (28.05) во емисијата Х-0 на Канал 5 телевизија, обелодени документ според кој медијаторот Метју Нимиц во 2005 доставил предлог, според кој земјата привремено би се викала Република Македонија со латинична транскрипција, за по три години да си го врати името Republic of Macedonia. Документот кој содржи печат државна тајна, предлага јазикот на Македонците, да биде "Macedonian". Црвенковски рече дека предлогот бил одбиен од тогашната опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ на чело со Никола Груевски.

Чашуле: Станува збор за стапица

Според Слободан Чашуле, поранешен шеф на македонската дипломатија, станува збор за стапица и одлуката на Груевски да ја одбие е исправна. Чашуле се прашува зошто Црвенковски го прифатил таквиот предлог и зошто не го соопштил тоа порано.

Slobodan Casule Aussenminister Mazedonien 2001 bis 2002

Слободан Чашуле

„Прво, таквиот предлог беше одбиен од грчка страна, што е уште еден доказ дека стратегијата на Грција не е да добие компромис туку да одогловлекува се‘ додека Македонија не изгуби здив. Тоа е потврда дека Грците не се подготвени на каков било компромис и оти спорот ќе трае уште долго“.

Чашуле смета дека секоја прифатена иницијатива ја ослабнува македонската позиција и праќа сигнал дека земјата е подготвена да попушта и понатаму. Во врска со транзицискиот период од три години за враќање на уставното име, Чашуле вели:

„Како што за 3 месеци од ФИРОМ станавме Македонија, така ќе беше и со ова решение. Повторувам уште еднаш, станува збор за стапица да прифатиме каква била модификација за да стасаме до денешната ерга омнес позиција на официјална Атина. Под привидот на поволно решение ние влетавме во таа замка. Грција оттогаш само дополнително притиска и стасавме до позиција ерга омнес, односно име за севкупна употреба кое ќе ни го одберат Грците и ништо друго“.

Пендаровски: Направена е неверојатна стратешка грешка

Од друга страна, Стево Пендаровски, во тоа време советник за национална безбедност на тогашниот претседател Бранко Црвенковски, вели дека станува збор за несфатлива стратешка грешка. Тој за Дојче Веле објаснува дека во тој период за спорот со името се одржале неколку средби со опозициските

UN Mediator, Mathew Nimitz in Skopje

Посета на Нимиц на Скопје (архива)

лидери, бидејќи тогашниот државен врв сметал дека е потребен поширок општествен консензус за прашањето за името. Првиот впечаток на сите, освен на Груевски, бил дека предлогот е промакедонски, најповолен од сите претходни и оти може да се смета за солидна основа за понатамошни преговори. Но, според Пендаровски, Груевски го одбил со образложение дека за него е спорен транзицискиот период.

„Станува збор за неверојатна стратешка грешка ако се има предвид дека три години подоцна Груевски прифати промена на уставното име во Република Македонија (Скопје) пред самитот на НАТО во Букурешт“.

Соопштение на ВМРО ДПМНЕ

На официјалната интернет страница на ВМРО ДПМНЕ стои соопштение, во кое меѓу другото се вели:

„Денес сме сведоци на сериозен скандал на СДСМ, признание дека во 2005 година го прифатиле предлогот на Нимиц за промена на името, во којшто предлог на местото на нација стои празно место, на местото на јазикот стои македонски на латинична транскрипција наместо macedonian во англиска верзија.

Бараме јавно објаснување од Бранко Црвенковски лично, да објасни зошто вакво нешто прифатил и дали Македонија добила нешто со тоа што тој прифатил вакво катастрофално решение коешто е директно во спротивност со македонскиот идентитет и македонските интереси“, стои во соопштението на ВМРО ДПМНЕ.

Некои интернет медиуми во Македонија го отворија прашањето дали Црвенковски може да одговара за оддавање на државна тајна. Ставот на Јавното обвинителство, објавен на Нетпрес, е:

„Ако е државна тајна не смеете да ја изнесувате ако е класифицирана, може да биде и декласифицирана, но тоа се прави само во судска постапка, но и тогаш само во рамки на судската постапка, а не да се изнесува во јавноста, бидејќи не може да се обеледувана државна тајна тоа е кривично дело, санкционирано. Секој кој што ќе изнесе содржина на документ што е класифициран како државна тајна апсолутно ќе одговара“, велат од Републичкото јавно обвинителство за Нетпрес.