1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Стратешката улога на Турција во НАТО

Во Турција постојат задршки кон фаворитот за функцијата генерален секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен. Него многумина муслимани го доведуваат во врска со карикатурите на Мохамед, чие објавување тој не го критикуваше.

default

Обострана корист

На јубилејната средба која ќе започне в петок, на трети април, во Баден-Баден и Стразбур, шефовите или премиерите на државите-членки на НАТО нема да се ограничат само на меѓусебни честитки. И на 60-тиот роденден, воената алијанса стои пред големи предизвици. На самитот, на пример, мора да се договори кој ќе биде наследник на генералниот секретар Јаап де Хоп Шефер. За фаворит на оваа функција важи данскиот премиер Андерс Фог Расмусен. Додека на запад за него постои широка согласност, во Турција владее колебање. Причина: многумина муслимани се‘ уште го доведуваат Расмусен во врска со карикатурите на Мохамед, кои се појавија во дански весник.

Дали Турција ќе ја блокира кандидатурата на Расмусен?

Синан Илген деновиве добива многу повици од данските новинари. Тие сакаат да го чујат мислењето од експертот за безбедносна политика: дали Турција ќе ја блокира кандидатурата на Андерс Фог Расмусен за функцијата генерален секретар на НАТО. Анкара има задршки кон данскиот премиер, бидејќи Расмусен одби да ги критикува данските весници за објавувањето на карикатурите на Мохамед, кои ги разлутија муслиманите. Како НАТО мисли да ги освои симпатиите во муслиманските земји, на пример во Авганистан, со вакво кадровско решение? Во овој регион ќе биде доведена во прашање довербата кон муслиманскиот член на НАТО, Турција, мисли Илген:

„За НАТО е поен плус што ја има Турција, тоа се покажа и во Авганистан. Тоа ќе биде појасно, ако се спореди работата на тимовите за обнова на ИСАФ трупите во различни региони. Турските војници работат во помалку непријателско опкружување од другите.“

За НАТО е предност што има турски војници и во мисијата КФОР во Косово, на почетокот тие од Албанците беа пречекани дури со воодушевување.

Multinationaler Flugzeug-Service der Nato F-16 der Türkischenn Luftwaffe Türkei

Мултинационален авионски сервис на НАТО, турска авијација

На истакната позиција

Турција отсекогаш беше сојузник од доверба. Западната ориентација, воведена од основачот на државата, Ататурк, уште во 1952 година ја доведе Турција во трансатлантскиот сојуз. До крајот на студената војна турските воени сили беа на најдолгата директна граница меѓу НАТО и тогашниот Советски сојуз. Денеска земјата се наоѓа на прагот кон кризните региони Кавказ и Блискиот Исток и бдее над важните коридори со гас и нафта кон Европа. На запад критички се гледа на силната позиција на војската во Турција. Зашто, шефот на Генералштабот е поважен од министерот за одбрана, а во минатите децении турските генерали повеќепати се чувствуваа повикани да ја спасуваат земјата од наводната опасност преку организирање пуч. Синан Илген смета дека нешто се променило:

„Турција сега е демократска држава, во која улогата на војската не е веќе толку доминантна. Но, важноста на безбедносните прашања во јавноста и натаму останува од поголемо значење отколку во другите држави поради географската положба на земјата.“

Меѓу бриселскиот главен штаб и Анкара во последно време постојано се водеше спор околу прашањето колку треба да се надоврзуваат европската безбедносна политика, ЕСВП и стратегијата на НАТО.

Турција не е член на ЕУ и многу држави не и‘ посакуваат добредојде во Брисел. На хармонизирањето на двата безбедносни концепта ништо не му стои на патот, гласи турската позиција. Стратешките одлуки на ЕСВП и НАТО

NATO-Gipfel in Istanbul, Sicherheit

Безбедносни мерки за време на самитот на НАТО во Турција во 2004 година

треба да бидат усвојувани со учество на сите членки на Алијансата, а не само од оние кои се членки на ЕУ. Турците се втора по големина воена сила во Алијансата и не дозволуваат да бидат потценувани.

Турските националисти по ваквите кавги редовно посочуваат алтернативи за ЕУ и НАТО, на пример посилно приближување кон Русија. Но, тоа се малцински мислења, вели Синан Илген, НАТО сепак останува столб на турската надворешна политика:

„НАТО во последните децении профитираше од НАТО, но важи и обратното, а така и ќе остане. Зашто, за разлика од многу европски држави, во Турција постои раширено чувство на загрозеност, било од Ирак, кој се распаѓа, од атомската сила Иран или теророт на ПКК. Во сите овие прашања Турција ја гледа ползата од НАТО. Затоа нејзиното членство во Алијансата не е доведено во прашање од ниеден разумен политичар. “

Автор: Гунар Кене / Жана Ацеска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска