1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Стратегијата на Путин за Сноуден – три гледишта

Германија ја разгледува можноста за испрашување на Едвард Сноуден во Москва. Тоа би ги влошило односите со САД. Каква е улогата на Кремљ во оваа афера? Дојче веле праша експерти во Берлин, Москва и Вашингтон.

Односите меѓу Германија и САД се пред тест, бидејќи Берлин ја разгледува можноста за испрашување на Сноуден во Русија, откако се откри дека НСА го следела телефонот на германската канцеларка Ангела Меркел. Неколку германски политичари сега бараат на Сноуден да му се даде азил во Германија, но владата во Берлин кажа не за ваквата можност.

Нејасно е дали и кога германски претставници би се сретнале со Сноуден во Москва. Поранешниот американски диполомат Стивен Фајфер, сега експерт во тинк-тенк институтот „Брукингс“, се надева дека тоа нема „да ја направи ситуацијата дури и полоша“.

„Постои можност Русите да се обидат да го искористат Сноуден за да ги оптоварат односите меѓу Вашингтон и Берлин. Секако, штетата веќе е направена и Русите не би биле разочарани ако Сноуден направи дополнителна штета“, изјави Фајфер за Дојче веле.

Нема доказ за поврзаност на Москва

Edward Snowden Ehrenurkunde Whistleblower-Preis 2013 BILDAUSSCHNITT

Едвард Сноуден

Може ли Русија да биде зад врските на Сноуден, како што во меѓувреме шпекулираат медиумите? Рускиот таблоид „Космомолскаја правда“ неодамна пишуваше дека извештаите за шпионирањето на телефонот на Меркел се „асиметричен руски одговор“ на американскиот ракетен штит во Европа, на кој Русија се противи. Фајфер се сомнева дека тоа е точно, но сепак смета дека Русија „веројатно е среќна“ за заладувањето на германско-американските односи.

Неговиот руски колега Димитриј Тренин, кој е на чело на московскиот разгранок на „Карнеги центар“, не се согласува со ова. Тој вели дека можеби во Русија има луѓе кои би отвориле шампањ за да наздрават за проблемот меѓу Германија и САД, но за Мосвка нема реална корист од тоа. Тој нагласува и дека нема никаква потврда дека Русија стои зад односите на Сноуден.

Путин го избегнува прашањето на Сноуден

Улогата на рускиот претседател во сето ова е предмет на многу шпекулации. Сноуден и Путин никогаш официјално не се сретнаа и Путин многу ретко јавно го споменува неговото име. Последен пат кога тој зборуваше јавно за Сноуден беше на 06.09.2013 година, по самитот на Г20 во Санкт Петербург.

„Ние не го поканивме“, рече тогаш Путин, тврдејќи дека Сноуден по случајност слетал во Москва, бидејќи неговиот пасош бил поништен од американските власти. Путин не ги коментираше ни откриените информации од Сноуден кои се однесуваат на Германија, и покрај тоа што тој претходно никогаш не ја пропушташе можноста да ги критикува САД.

„Путин не игра специјална игра“, вели Тренин. Тој смета дека откривањата на Сноуден се корисни за руската пропаганда, но дека Москва би преферирала тие да се прават од кое било друго место. Тренин смета дека Сноуден е човек кој открива недостатоци и неправда. Тој не верува дека Сноуден работи со руските разузнавачки служби. И Путин, кој е поранешен агент на КГБ, негира дека Сноуден соработува со разузнавачките служби. Фајфер, пак, размислува поинаку.

Präsident Putin 2012

Владимир Путин

„За мене ќе биде изненадувачки ако Сноуден е во Русија веќе четири месеци и да немал контакт со руските разузнавачки служби. Ако тоа е случај, тогаш руските разузнавачки служби не си ја вршат својата работа“, вели Фајфер.

Русија сака да го иритира Берлин

Ханс-Хенинг Шредер од Германскиот институт за меѓународни и безбедносни прашања (СВП) се сомнева дека Москва стои зад скандалот со мобилниот телефон на Меркел.

„Сметам дека ова оди предалеку. Русија треба да биде свесна дека економските и политички релации меѓу Германија и САД се доволно робусни и не можат да бидат загрозени од ова“, вели Шредер за Дојче веле.

Тој смета дека неодамнешната средба меѓу Сноуден и пратеникот од редовите на германските Зелени Кристијан Штребеле е неверојатно дека се случила „без одобрување од високи руски политичари“.

Во минатите пет години германската влада постојано ги критикуваше домашните политики на Русија, вклучително и третманот кон цивилите од страна на руските власти.