Стратегијата на полицијата нема да се менува | Теми на денот | DW | 04.06.2007
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Стратегијата на полицијата нема да се менува

Деескалација останува мото на дејствувањето. Можни се нови безредија за време на самитот на Г8. Како да се одвојат насилниците од мирољубивите демонстранти?

default

Како да се одвојат насилниците? Сцени од саботните демонстрации во Росток

Мнозинство од учесниците сакаше саботните демонстрации во Росток да бидат мирен протест против претстојниот самит на Г8, како што беа денешните во тој град, иако со неспоредливо помал број учесници. Но, едно насилнички настроено малцинство се погрижи Росток во саботата да биде арена на крвави безредија со речиси илјада повредени лица.

Стратегијата на полицијата во Росток била правилна, па поради тоа и нема да се менува, велат одговорни политичари од Сојузот и покраините. Харалд Рингсторф, покраински премиер на Мекленбург – Предна Померанија, го пофали разумното однесување на полицијата: “Не би драматизирал. Секако ќе бидат анализирани искуствата од првиот ден на демонстрациите и потоа по потреба ќе се извршат одредени прилагодувања. Но, во основа земено, треба да остане стратегијата на полицијата за деескалација”.

Сојузниот министер за внатрешни работи Волфганг Шојбле вината за ескалацијата им ја префрлува на насилниците: “Ако луѓе кршат камења од плочникот, тогаш е јасно дека имаат намера да вршат насилнички дела. Тоа се опасни злосторници против кои мора да се постапува со сета острина”.

Ваквите изјави не го задоволуваат синдикатот на полицајците. Неговиот претседател Конрад Фрајберг е вчудовиден и разочаран од фактот дека повеќе од 400 полицајци се повредени во безредијата во Росток: “Мора јасно да се каже: акцијата отиде во погрешна насока. Размерите на насилството, но и меѓусебната комуникација и постапувањето – сето мора вистински сосем конкретно да биде анализирано”.

Фрајберг смета дека морало демонстрантите навремено да бидат претресени дали носат ножеви, камења или палки, и по потреба да бидат ставени во притвор. Тој смета на натамошна ескалација на насилството за време на самитот и бара поостро постапување од страна на полицијата. Министерот Шојбле на ова возврати: “Но, претходно сите рекоа дека во секој случај треба да се дејствува деескалирачки. Сега истите и’ префрлуваат на полицијата дека не интервенирала навремено и енергично. Тоа веќе ме лути”.

Како треба да постапува полицијата со насилниците за време на самитот? Харалд Рингсторф вели: “Можеби мора да ни успее подобро отколку досега да ги одвоиме автономните од фактичките демонстранти, оти нивна тактика е да се смешаат со мирољубивите демонстранти и потоа да нападнат. Мора да се види дали тука нешто може да се подобри”.

Покраинскиот премиер очекува од самитот на Г8 да му даде поттик и на туризмот на Мекленбург – Предна Померанија. Тоа може да успее само ако демонстрациите во наредните денови поминат мирно; слики како оние од судирите во Росток не претставуваат реклама.

Нина Веркхојзер