1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Странци и печалбари заинтересирани за слободните економски зони

Бизнисмени и компании од Турција, Италија и Норвешка, но и голем број домашни печалбари – иселеници, се заинтересирани за влез во економските зони во Македонија. Тие бараат елиминирање на бирократските лавиринти.

default

Слободната економска зона Бунарџик

Македонската влада минатиот месец донесе одлука за основање нова технолошко – индустриска развојна зона, популарно наречена „слободна економска зона“ - „Скопје 2“ со површина од 90 хектари, во непосредна близина на зоната „Скопје 1“ – „Бунарџик“. На хартија уште од јуни 2007 година постојат и слободните економски зони кај Штип со 208 хектари и кај Тетово со 97 хектари.

„Џонсон Мети“ ќе стартува со редовно производство во септември ?

Економските експерти во повеќе наврати досега во јавноста се огласуваа со ставови дека секоја влада од 2007 година „ја раскажува истата криказна“ и оти дава празни неостварени економски ветувања со овие зони.

Но, сепак, Марјан Јованов, директор на Дирекцијата за слободни економски зони на Македонија, во врска со зоната „Скопје 1“ - „Бунарџик“ вели:

„ Во ’Скопје 1 - ’Бунарџик’ во моментов фабриката ’Џонсон контролс’ работи редовно. Фабриката ’Џонсон Мети’, која се распространува на 12 хектари, е во завршна фаза, според нивни кажувања, ќе започне со редовно производство некаде на почетокот на годинашниов септември. Покрај тоа, имаме повеќе фабрики во финална фаза со почеток на градба, кои чекаат да се намали притисокот на рецесијата, за да можат да добијат поповолни кредитни линии од нивните матични банки, да можат да инвестираат и да почнат со изградба на нивните производствени капацитети.“

Mazedonien Land und Leute Tetovo

На хартија постои и слободна економска зона во Тетово

Се планираат 11 регионални слободни економски зони

Јованов дополнува: - „Повеќе локации од ’Скопје 1’ се веќе резервирани и затоа пристапивме кон изградба на зоната ’Скопје 2’. Исто така, поради селскиот и регионалниот развој на Македонија, почнуваме да градиме технолошко – индустриски развојни зони во целата земја. Во почетокот ќе ги има околу 11 во сите поголеми центри, како идеја. Ќе видиме како ќе се изјасни владата во врска со нив.“

Во споменатата дирекција очекуваат штипската и тетовската слободна економска зона да започнат да се градат кон крајот на оваа, или во првите месеци од наредната година. Тие зони се веќе истакнати во оглас за да се дадат на управување во период од 97 години со значајни даночни, царински и други поволности, иако се‘ уште не се оформени со инфраструктурата.

На премиерот Никола Груевски за време на неговата средба со стопанственици во Осло, главниот град на Норвешка, во ноември минатата година му беше кажано дека норвешки бизнисмени сакаат да инвестираат во Македонија. Тие се заинтересирани да земат под концесија една од слободните економски зони, по што самите би носеле странски фирми, кои би отворале фабрики во Македонија. Тогаш во таа пригода Норвежаните навестија, неофицијално, дека би конкурирале за зоната во Штип, или кај Тетово.

Aktenstapel in einem Büro

Помалку бирократија

Да се елиминираат бирократските лавиринти

Интересенти за тетовската зона има и меѓу печалбарите - иселеници од овој регион. Фатмир Исени, претседател на полошкиот плански развоен регион и градоначалник на општината Желино, до која ќе се наоѓа новата развојна зона, вели:

„Има многу луѓе, кои се заинтересирани, наши вработени во странство, кои се веќе успешни и работат во компаниите во тамошните земји. Тие сакаат да се вратат. За да дојде до такви инвестиции, треба да се одбегнуваат, да се отстрануваат бирократските лавиринти, потребно е да се поедноставува начинот на доаѓање до документи.“

Професорот од Економскиот факултет на Штуловиот универзитет во Тетово, Абдулменаф Беџети, сумира:

„Постојат големи ресурси, големи потенцијали – човечки, природни, финансиски ... Но, тие треба да бидат канализирани, значи, употребени, менаџирани.“

Турска компанија заинтересирана за тетовската економска зона

Директорот на Дирекцијата за слободни економски зони Марјан Јовановски дополнува:

„Постои една сериозна турска асоцијација – компанија, која е заинтересирана за тетовската зона. Тие се сопственици на голема индустриска зона од 700 хектари во Турција и започнуваат еден мега - проект за индустриска зона и во Етиопија, со површина поголема од илјада хектари. Тие се готови не само да инвестираат како производители, туку и да оперираат со целата зона во Тетово. Испратија писмо со намери и беа на разговори кај нас, во Дирекцијата за технолошко – индустриски развојни зони и во Министерството за економија со министерот Фатмир Бесими.“

Се на се, дали тетовската, штипската и втората скопска слободна економска зона ќе се претворат во некои нови „бунарџици“, полни со хартиени замисли за мега - проекти, или, пак, ќе профункционираат како мотори на економскиот развој на земјата, ќе се знае наскоро.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Жана Ацеска