1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Странските компании - шанса и замка за невработените во Македонија?

Повеќе стотици млади невработени и високообразувани кадри од Македонија најдоа вработување во „аутсорсингот“ - пракса на светските компании. Експертите предупредуваат дека е потребно да се воведе ред во овој бизнис.

Сѐ поголем број фирми од Европа, но и ширум светските економски меридијани, се определуваат за „аутсорсингот“ и „ниершорингот“, што претставува префрлање на дел од нивните бизнис-функции, па и цели сектори на дејности, кои се несуштински по значење за нивните основни бизниси, врз надворешни специјализирани компании во други држави, заради намалување на трошоците. Веќе трета година во Тетово работи друштвото со ограничена одговорност „Кордеа“ - аутсорсинг како надворешен дел од големиот тим на шведската компанија „Кордеа“ за обезбедување надворешни професионални услуги за потребите за редица компании во светот.

Административни услуги, сметководство, графички дизајн и веб-дизајн, логистичка поддршка и поддршка од информатичката технологија, и маркетинг-истражувања извршува секојдневно преку интернет тетовскиот тим на „Коордеа“ за повеќе шведски компании, комуницирајќи со своите клиенти на англиски. Така инвентивно и креативно ги искажуваат и ги надградуваат своите факултетски знаења и други дополнително здобиени способности.

Надеж за младите кадри

Владимир Ивановски работи за сметководството на шведската компанија „Хусе“ за производство на храна за домашни животни-галеничиња. Тој вели: „Не ми се проблем законите и стандардите во сметководството во Шведска, ниту оние пропишани од законодавството на Европската унија. Повремено патувам во Шведска и заради директни контакти со клиентите. Не ни се потребни ничии партиски книшки, за да си ја обезбедиме сопствената егзистенција: од нас се бараат само стручност и услуги со висок квалитет.“

Goce Cvetanovski, Manager bei der Firma Kordea tetovo

Гоце Цветановски

Ова друштво со ограничена одговорност има 11 лица на возраст од 24 до 35 години, сите со полно работно време и со платени придонеси за пензиско и здравствено осигурување и други давачки кон државата. Гоце Цветановски, како негов генерален менаџер, вели: „Сите сме задоволни од месечните примања. Планираме и нови вработувања, зависно од потребите и нарачките на нашите клиенти. На нашиот Фејсбук-профил постојано се јавуваат студенти и други млади лица од Скопје, Виница, Гостивар, Струга и Куманово, интересирајќи се за можност да добијат аутсорсинг-работа.“

Најавите дека има потреба за нови вработувања и извршувања услуги според „западен систем на работа“ се надеж за голем број други невработени млади од Тетово. Токму лицата на возраст од 25 до 29 години се најмногубројни во евиденцијата на луѓе со универзитетско образование, кои активно бараат работа. Дојче веле не успеа да добие информации од Управата за јавни приходи и Агенцијата за вработување колку има во Македонија регистрирани фирми за „аутсорсинг“ и „ниершоринг“ - услуги, кои работат за странски фирми, ниту колку има вработени такви лица. Неофицијално, овие институции во евиденциите немаат такви податоци.

Надворешното опслужување на потребите на претпријатијата е присутно во информатиката

Експертите велат дека „аутсорсингот“ и „ниершорингот“ стануваат сѐ помасовни во Македонија. Димитар Трајанов, декан на државниот Факултет за информациски науки и компјутерско инженерство – ФИНКИ од Скопје, нагласува: „Ваквото надворешно опслужување на потребите на претпријатијата е најприсутно во областа на информатичката технологија. Постојат голем број странски фирми, кои имаат и свои оддели во Македонија, што работат според принципот на 'аутсорсинг'. Во нашиот факултет престојуваше реномирана англиска компјутерска компанија за развој на софтвер, заинтересирана да отвори свој 'аутсорсинг'-бизнис во Македонија, односно, да го пренесе својот сектор за развој. Почнаа со работа и планираат да вработат 200 инженери од информатичката технологија. Разговаравме и со италијанска компанија, која планира од јануари следната година да почне со 'аутсорсинг'-бизнис во Македонија, отворајќи 40 работни места.“

Тој дополнува: „Во индустријата од информатичката технологија веќе има 50-100 странски фирми со свој 'аутсорсинг'-бизнис со околу илјада редовно вработени лица. Но, постојат и неколку стотици поединци, кои работат како ’слободни стрелци' за странски ИТ-фирми. Тие добро заработуваат, некои имаат и по илјада евра месечна плата. Странските фирми се заинтересирани за 'аутсорсинг' и 'ниершоринг', поради пониската цена на работната сила и одличниот квалитет на продуктот, односно услугата.“

Колку е развиена и колку е активна домашната софтвер-'аутсорсинг' индустрија во Македонија, за разлика од микро-претпријатијата, кои сами ги основаат во оваа земја странските ИТ-компании?

Професорот по бизнис-логистика од Државниот универзитет во Штип Драшко Атанасоски укажува: „Таа домашна индустрија е мала. Во неа постојат многу ограничен број на компании, во споредба со софтвер-индустриите од соседните земји, како Бугарија или Србија. Според Стопанската комора, постојат 420 активни компании во ИТ-индустријата со вкупно 1885 вработени. Од нив само 48 домашни компании се активни во областа на софтверски производи, или на софтвер, поврзани со услуги за 'аутсорсинг'-цели. Според проценките на Стопанската комора, просечната големина на македонските 'аутсорсинг'-компании за развој на софтвер се движат меѓу 10-20 вработени по компанија. Трите вакви најголеми компании заедно имаат 520 вработени.“

Europa Tastatur Fähnchen

Информатичарите од Македонија работат за странски фирми

Атанасоски се осврнува и на пошироката економска рамка во земјата за обезбедување професионални бизнис-услуги за странски компании: „Благодарение на даночните олеснувања и другите владини мерки, постои економска клима која влијае исклучително позитивно врз експанзијата на 'аутсорсингот' од страна на странските компании. Тоа се однесува на ’Џонсон контролс', ’Џонсон Мети', на најновите инвестиции на странски претпријатија, кои веќе префрлаат во државава цели свои сектори на дејности несуштински по значење за нивните основни бизниси. Добар пример за 'ниершоринг' се грчките компании, кои имаат повеќе од 200 свои производствени погони и сектори на други дејности во Македонија, а следат и Хрватска Словенија и Италија. Тоа донесува прилив на ’свежи пари’ и ја намалува невработеноста.“

Потребно е да се регулираат бизнис-услугите за странски компании

Марија Зарезанкова-Потевска, експерт за претприемништво од ФОН универзитетот од Скопје, предупредува: „Со 'аутсорсингот' се решава прашањето на вработувањето само на информатичарите и другите многу специјализирани, високообучени кадри. Останува отворен проблемот со невработеноста на неквалификувани кадри. Кога ќе се погледне колкава е невработеноста, сепак, 'аутсорсингот' засега има маргинален придонес кон намалувањето на бројката на лица што се без работа. Постојат и случаи кога за 'аутсорсинг'-услуги извршителите добиваат многу мал надомест од странските фирми, што претставува ’тивка експлоатација’“.

Горан Рафајловски, сопственик на компанијата „Рафајловски консалтинг“ се надоврзува: „Голем проблем е ниската цена на ангажираните во 'аутсорсинг'-бизнисот за потребите на странските фирми. Тоа произлегува можеби од мислењето на нарачувачите дека и квалитетот на услугата е низок. Општо земено, не е вистина дека се вршат недоволно квалитетни 'аутсорсинг'-услуги. Тие компании бараат квалитетна услуга, но не се подготвени да ја платат цената ниту основната цена од 100 до 150 евра по еден работен час. Плаќаат 10 до 15 евра максимум за еден работен час за веб-дизајн, или која било услуга. За 'аутсорсинг'-сметководство максимум плаќаат 300 до 400 евра, што не обезбедува ниту една македонска плата. Каде се пари за придонеси, за канцеларија, за материјални трошоци... Има некои работи што не се регулирани.“

Несомнено, останува потребата за воведување ред во 'аутсорсинг'-бизнисот во Македонија: да се ограничи просторот странски фирми да доаѓаат и да можат да бараат работа, нудејќи цена далеку под светските стандарди. Можеби ќе треба Владата да воведе определена регулатива со дополнителни стимулации за привлекување на престижните компании од светот, заради реално намалување на невработеноста.