1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Стразбур ги помати сметките на ЕУ-државите

ЕП го одби договорот за идното финансирање на ЕУ, постигнат по повеќемесечни макотрпни преговори. Без согласност на парламентот, буџетот за периодот од 2014 до 2020 година не може да стапи во сила.

Европратениците денеска во Стразбур со големо мнозинство се изјаснија против планот на шефовите на држави или влади во однос на идното финансирање на Унијата. „За“ резолуцијата гласаа 506 европратеници, 161 беа „против“, а 23 „воздржани“.

На ЕУ и‘ треба „современ, насочен кон иднината, флексибилен и транспарентен буџет“, се вели во усвоената резолуција. За таа цел ЕП и Советот треба да започнат „опсежни преговори“.

Врз основа на реформскиот договор од Лисабон, Европскиот парламент првпат има право на соодлучување во т.н. среднорочни финансиски рамки, кои ги дефинираат буџетските средства за периодот од 2014 до 2020 година. 27-те членки на ЕУ и Парламентот сега треба да најдат нов компромис.

На самитот на 8 февруари шефовите на држави или влади се согласија во споменатиот период на ЕУ да и‘ стават на располагање околу 908 милијарди евра. Тоа е значително помалку отколку што бараа ЕП и Европската комисија. Бриселската администрација потребата ја процени на околу една илјада милијарди евра.

Финансиската рамка на ЕУ мора да и‘ обезбеди доволно средства за надминување на кризата, мора да бидат зголемени парите за „инвестиции во областа на иновациите, истражувањата, развојот, инфраструктурата и младите“, гласи заклучокот на европратениците во Стразбур.

Парламентот освен тоа бара „обврзувачка и сеопфатна проверка“ на буџетот по европските избори во 2014 година, како и коренита реформа на финансирањето на ЕУ. За таа цел ЕУ треба да има повеќе сопствени средства, на пример преку данокот на финансиски трансакции.

„Подготвени сме да преговараме со Советот околу коригирани финансиски рамки“, изјави претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц. Тој ќе им го понуди тоа на шефовите на држави или влади на самитот кој почнува утре. Парламентот „непоколебливо“ ќе ја брани својата позиција. Мора да се спречи ЕУ да стане „Унија на дефицит“, истакна Шулц.