1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Страдањата на семејството Булгаридес

Теодорос Булгаридес, Грк по националност, е убиен во својата продавница во Минхен на 15 јуни 2005, како седма жртва на терористите од Националистичко подземје (НСУ). По убиството неговото семејство неизмерно страдало.

Тажната вест стигнала по телефон. Таа ноќ познаниците на семејството Булгаридес го побарале Гаврил дома, за да му јават дека неговиот 6 години постар брат Теодорос (фотографија горе) е убиен во неговата проданица. Како што истражителите подоцна утврдија, во главата na Теодорос биле испукани 3 куршуми. Притоа е користен истиот пиштол како и кај другите жртви на терористичката група НСУ, имено Цесна 83. На Гаврил тогаш му се урнал целиот свет - својот татко едвај го познавал, така што брат му Теодорос му бил како татко. „Ни се јавија и ни рекоа дека брат ми е убиен, а потоа следуваа прашањата и останатите непријатности, знаете веќе“, се присетува Гаврил.

Ужас на местото на злосторството

Веста брзо се проширила во грчката заедница во Минхен. Семејството таму живеело од 1973 година, било угледно и многу познато. Во исто време му се јавиле и на грчкиот православен свештеник Апостолос Маламусис и го замолиле да оди на местото на злосторството и да се помоли.

„Влегов во продавницата, каде убиениот лежеше на подот со рани од огнено оружје во главата. Таму беа и полицајци кои собираа доказен материјал. Им кажав дека сум свештеник и оти сакам да помогнам“, раскажува Апостолос Маламусис. Му покажале каде смее да стои, каде не, за да не се уништат трагите кои убиецот можеби ги оставил.

„Се најдов среде ужасна сцена, стоев пред Теодорос, неговото лице беше деформирано од куршуми, во огромна локва крв. Се молев...“ Потоа телото е однесено до куќата на роднините на мајката на Теодорос. „Се обидов да им дадам поддршка најдобро што можев. Но, ниту мене не ми беше лесно да најдам зборови за утеха по таа сцена“, раскажува овој свештеник.

Gavriil Boulgarides

Гаврил Булгаридис и свештеникот Апостолос Маламусис

Осомничено - семејството

Следниот ден за целото семјство започнала неверојатна одисеја: сослушувани биле вдовицата Ивон Булгаридес и нејзините две ќерки, а потоа и Гаврил, неговата сопруга, роднини, пријатели, познаници, како и потполно непознати личности за вдовицата. Испрашувањата се оддолжиле со часови, денови, месеци. Прашањата се вртеле околу жртвата, неговиот круг на познаници, за евентуалните контакти со препродавачи на дрога. Потоа околу турската мафија, проституција, интернет криминал, трговци со оружје. Ќерките ги прашале дали нивниот татко сексуално ги злоставувал. И, самата вдовица Ивон Булгаридес била сомничена дека го убила својот сопруг, односно дека го нарачала неговото убиство.

Истажителите не следеле други траги, кажува Гаврил: „Ниту еднаш не им падна на ум ова убиство да го поврзат со останатите жртви, иако на првото сослушување им реков дека се’ укажува на такво нешто. Но, немаше реакции. Тие и понатаму копаа по нашите приватни животи“.

Изгубена чест

Во текот на неброените и бесконечни сослушувања беа конструирани сценарија за криминална активност. Одеднаш жртвата Теодорос Булгаридес стана јавно осомничен, а неговото цело семејство наклеветено, вели Ангелика Лекс, адвокатката на Ивон Булгаридес. Испрашани се стотина сведоци, но не е разгледана можната екстремно-десничарска задина на овој случај.

„Оваа тема едноставно не се појавува во истражните документи. А, тоа е всушност потполно незамисливо, кога има ваква низа на убиства во која жртвите немаат германско потекло“, вели адвокатката.

Бегство од Германија

За братот на жртвата Гаврило, секојдневниот живот во Германија станал неподнослив. Од семејството се оддалечиле сите роднини, пријатели и познаници. Никој не сакал да има контакт со нив. Дури и во кругот на семејството имало проблеми. Владееле неверување, очај, безнадежност. А, тогаш почнале да бараат излез. Првата замисла била да се напушти земјата. Но, каде да се оди? Семејството било изолирано, нејзиното социјално опкружување се распаднало: „Кога никој со тебе не сака да има ништо, тоа е многу тешко, најтешко. Затоа во 2009 година повторно се вративме во Грција, по 37 години живот во Германија“.

Во туѓа татковина

Anwältin Angelika Lex

Адвокатката Ангелика Лекс

Гаврил се обидел да се снајде во Солун, вториот по големина грчки град. Новиот почеток му бил тежок. Во земја во која владее криза не можел да најде вистинска работа. Морал да продава парцели имот за да го прехрани семејството. Конечно добил работа како возач на камион во странство. Не добил помош од државата, ниту збор утеха. Татковината не сакала да слушне за него. Му била туѓа, тој се отуѓил од неа. По две и пол години во Грција, семејството почнало да размислува да се врати во Минхен. Во меѓувреме во Германија се откриени убијците. Свештеникот конечно го убедил семејството да се врати. Благодарејќи на неговата поддршка, семејството Булгаридес повторно нашло стан. Денес Гаврил работи како возач во комуналната служба на градот Минхен , а неговата сопруга како чистачка во Министерството за правда. Градот Минхен се обидува да ги поправи грешките од минатото. Гаврил е благодарен за тоа.

Во прашање е вистината“

Гаврил се надева дека во процесот против НСУ вистината ќе излезе на виделина. Како можеле да се случат толкави пропусти во текот на истрагата? Зошто службите за безбедност не ги истражиле сите докази? Каква улога имале информаторите? Зошто убијците го одбрале токму неговиот брат? Гаврил вели „ако полицијата правилно протолкуваше некои докази во врска со другите убиства, мојот брат можеби немаше да биде убиен“. Тој верува дека истражителите меѓу 2001 и 2003 година имале многу докази, но сосема ги игнорирале: „А мојот брат е убиен во 2005 година. Тоа се работите за кои размислуваме“, вели Гаврил.