1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Страдаат најсиромашните меѓу сиромашните

Кризата најтешко ги погодува најсиромашните. Светската програма за храна на ОН мора драстично да ја намали својата помош, зашто богатите земји не можат да ги одржат нивните финансиски ветувања.

default

Светската програма за храна го вклучи алармот

Светската програма за храна го вклучи алармот: „За првпат во историјата една милијарда луѓе страдаат од хроничен глад“, изјави Џенифер Пармеле, портпаролка на Светската организација за храна во Вашингтон. Пред две години бројката на луѓе кои страдаат од глад изнесуваше 860 милиони. Тоа е пораст од 15 проценти. Светската организација за храна за обидува да им помогне на што е можно повеќе луѓе. Во последната година таа испорача помош во храна до 102 милиони луѓе во 76 земји. Тоа меѓутоа се само 10 проценти од погодените.

Во меѓувреме ОН повеќе не можат да им помогнат на многумина: „Светската програма за храна на ОН стои пред најголемиот предизвик во нејзината историја“, истакна Пармеле.

Кризата ја крати развојната помош

Welternährungsprogramm Kenia

За влошување на ситуацијата придонесоа повеќе фактори: Така светската економска криза ги погодува најсиромашните земји особено тешко, зашто тие најчесто имаат само ограничени финансиски резерви. Дури и во добри економски времиња тие даваат голем дел од своите државни приходи за купување на прехранбени производи. Истовремено кризата им поставува тесни граници и на добростоечките индустриски земји, кога станува збор за давањето повеќе пари за земјите во развој.

Високите цени на прехранбените производи, тековната светска економска криза, и во поединечни случаи и уништувањето на животната средина, порастот на населението, а честопати и политички мотивираните конфликти водат кон тоа, Светската програма за храна во некои региони да не може да помогне во доволна мерка. На пример во Уганда: „Моравме да ја прекинеме помошта во прехренбени производи за 600 илјади луѓе во северна Уганда, која е конфликтен регион“, вели портпаролката на Светската програма за храна, дополнувајќи:„Ваквите одлуки навистина не ни паѓаат лесно. И тоа не се однесува само на Уганда туку ние моравме да ја скратиме помошта и за други земји.“

Особено погодени се луѓето во Африка и во Азија

WFP in Angola

Во Кенија инаку количествата испратена помош истотака се редуцирани. Прехранбени производи од Светската програма за храна добиваат само уште една третина од вкупно 10 милиони луѓе на кои им е потребна. Слична е сликата и во Азија: „Во Бангладеш во селските подрачја, бројката на оние во кои добиваат поддршка од оваа програма на ОН, се намали за една четвртина“, вели Пармеле, дополнувајќи: „Тоа тука ги погодува најсиромашните меѓу сиромашните. Оние, кои ионака имаат само еден или два оброка на ден, кои веќе се многу изгладнети.“

Светската програма за храна на ОН апелира до богатите земји пред средбата на Г-20 во септември, да дадат повеќе пари за развојна помош. Истовремено таа ги пофали заклучоците од последниот Самит на Г8 во Италија. Во нив стоеше дека земјоделците во земјите во развој треба да добијат аграрна помош во вредност од 20 милијарди долари.

Автор: Миодраг Сориќ / Симе Недевски

Редактор: Александра Трајковска