1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Страв од Иран и има и нема

Германската канцеларка Ангела Меркел е во Персискиот залив. Во Обединетите Арапски Емирати таа изјави дека земјите од Заливот имаат безбедносни интереси како Европа и САД и дека треба да се спречи иранска атомска бомба.

default

„Окупација е окупација“ - изјави во април министерот за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед ал-Нахијан. Емиратите со децении имаат спор со Иран околу три острови во Хормушкиот теснец. Островите се мали, но стратешки важни. Иранската армија е таму присутна речиси 40 години, и од аспект на емиратскиот министер за надворешни работи, ваквата окупација е нелегална, исто како и израелската окупација на палестинските територии. Според шеикот Абдула, тоа е негативниот фактор во односите на Абу Даби со Техеран.

Другиот, можеби далеку поважен фактор, кој ги загрижува Емиратите е иранската атомска програма. Мустафа Алани од Галф Рисрч-центарот во Дубаи, оценува:

„Не станува збор за тоа дека Иран би можел да употреби нуклеарно оружје против нас. Станува збор за тоа дека доколку Иран добие нукеларна опција, тоа би ги променило силите на рамнотежа во регионот. Тогаш ние, ако се направи споредба со Иран, би биле одеднаш земја од втор ранг. Тоа не можеме да го прифатиме.“

NO FLASH Bundeskanzlerin Merkel in Golfstaaten

Германската канцеларка Ангела Меркел ја почна турнејата по Заливот со посета на Обединетите Арапски Емирати

Подобро војна, отколку вечен страв?

Она што многумина во Обедиентите Арапски Емирати и во Саудиска Арабија го мислат, Алани го зборува отворено:

„Ако ние овде, во регионот, стигнеме до точка да мораме да избираме - меѓу тоа вечно да се плашиме од Иран поради нуклеарниот потенцијал или да ги прифатиме последиците од некаква воена акција - тогаш повеќе би биле за втората опција.“

Министерот за надворешни работи на Емиратите минатата недела му го честиташе на иранскиот колега Договорот со Бразил и Турција за облагородување ирански ураниум во Турција. Во Заливот овој Договор, според многумина, е потег во позитивна насока. Државите како Катар или Оман, и онака имаат многу поблиски односи со Иран отколку Емиратите. Саиф ал Маскери, поранешен дипломат на Оман, вели:

„Оваа тема воопшто не не‘ загрижува. Тоа е повеќе политичка тема во односите САД-Иран. Ние, во врска со иранската атомска програма, сме загрижени повеќе во однос на загадувањето на животната средина.“

NO FLASH Iran Atomkraftwerk Nuklearanlage Kernkraftwerk Reaktor

Многу луѓе во арапските земји не веруваат во предупредувањата од наводните стремежи на Иран кон атомско оружје и целата работа ја сметаат за надуена

„Зошто не почнеме од Израел?“

Ал Маскери тврди дека и без нукеларно оружје, Иран отсекогаш бил регионална суперсила. Суштината на проблемот, според него, е нукеларното оружје на Израел:

„Зошто да не почнеме оттаму? За жал, Западот вели - Израел не можеме да го контролираме, зашто Израел не е потписник на Договорот за неширење на нуклеарно оружје. Тоа е двоен морал! За разлика од она што го верува Западот, ова не е толку прашање на владите, колку што е прашање на јавното мислење - во арапскиот свет и во нашиот регион.“

Работата е надуена, сметаат Арапите

Навистина - многу луѓе во арапските земји не веруваат во предупредувањата од наводните стремежи на Иран кон атомско оружје и целата работа ја сметаат за надуена.

Како и да е - на Блискиот Исток веќе одамна е почната нуклеарната трка. Веќе за седум години, во Обединетите Арапски Емирати во мрежа ќе биде вклучен првиот атомски реактор. За да го подвлече мирнодопскиот карактер на неговата програма, Абу Даби, за разлика од Техеран, со договор се откажа од своето право на облагородување ураниум!

Автор: Карстен Кинтоп / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Жана Ацеска