1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Страв на обете страни и по пет години од независноста

Албанците на Косово слават пет години од прогласената независност од Србија. Но конфликтот за поранешната српска провинција продолжува на северот, особено во поделениот град Митровица.

На пат кон работа Адријана Хоџиќ секој ден минува покрај еден тенк. Тој е поставен пред општината во северна Митровица. Меѓународните трупи на КФОР ја штитат зградата од евентуални напади на политички екстремисти. Поголемиот дел од Србите, кои живеат во северниот дел на Митровица, не ја признаваат владата во Приштина и имаат сопствена локална управа. Тие се чувствуваат охрабрени од властите во Белград, кои не ја признаваат независноста на Косово.

„Овде владее беззаконие“, вели Бошњачката Адријана Хоџиќ, која работи во локалната администрација. „Поради постојаните конфликти животот е исцрпувачки“.

Мостот на реката Ибар меѓу српскиот север и албанскиот југ на Митровица веќе две години е целосно забарикадиран со бетон и бодликава жица - симбол на конфликтот во Косово. За младата мајка Адријана ваквата омраза не води кон ништо. За неа, етничката припадност не игра никаква улога, таа не се гледа себеси ниту како Србинка, ниту како Албанка. На прашањето на која етничка група и’ припаѓа, не сака да одговори. Во нејзиното семејство имало луѓе од различни средини.

Соживотот за младите луѓе во Митровица не е едноставен. Еден од ретките позитивни примери е иницијативата „Рок школа“. Албанци и Срби се среќаваат за заеднички да прават музика. 23-годишниот хоби-музичар Александар Солиќ, покрај редовните студии по економија, ја посетува и „Рок школата“.

„Мене ми изгледа како ние да живееме во два различни света. Се разви еден менталитет на изолација. Обете заедници се екстремно затворени една кон друга“, вели Александар.

Непостојна комуникација

Неговиот план е со албанските другари од другата страна на мостот на Ибар да формира заедничка група. „Но тоа во моментов е невозможно. Се’ уште има премногу омраза и страв. Пропагандата од двете страни ги оддалечи луѓето“. Во најмала рака во моментов тој може да комуницира со своите другари од „Рок школата“ преку имејл и Фејсбук.

Но, надвор од оваа иницијатива, комуникацијата преку социјалните мрежи меѓу албанските и српските млади луѓе е речиси непостојна. „Напротив, многу често едни кон други упатуваат погрдни фотографии и коментари“, вели студентот по математика Ринор Чолопеку од јужниот дел на градот.

Само едно нешто ги спојува младите од двете страни на границата. Желбата за подобра иднина. Во најмладата држава во Европа, просечната старост на граѓаните е 25 години. Повеќе од половината од нив се невработени. Преживуваат со помалку од две евра дневно. „Мислам дека имаме подобра перспектива со новата држава“, вели студентот Ринор. Но, не сите се согласуваат со ваквата оценка. „Се’ што имаме денес е нашата независност“, велат „луѓето од стариот систем“.