1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Страв и трепет за фаворитите

Денешниот дуел на репрезентациите на Македонија и Германија во рамките на групата „Ц“ на Светското првенство во ракомет што се одржува во Хрватска е во фокусот на германската јавност.

default

Кире Лазаров

Германските весници се преполни со анализи за претстојниот натпревар во кој победата и за двата тима значи сигурен пласман во натамошната фаза. Германија е лидер во групата „Ц“ со 5 бодови од три натпревари. Втора е Полска со четири бода пред Македонија која има идентичен бодовен скор, но послаба гол разлика.

Да се запре Кире Лазаров

По феноменалното издание против Полска, многумина порачуваат дека Македонија не треба да се потцени. Таков е ставот и на Штефан Кречмар, поранешен германски репрезентативец, чија анализа ја пренесува весникот „Шпигел Онлајн“. „Македонија со тесната победа против Полска од 30:29 се погрижи за големо изненадување во нашата група. Тоа не го очекував.

Handball Stefan Kretzschmar in Aktion

Штефан Кречмар, поранешниот репрезентативец на Германија

Нашиот нареден противник им го загорчи животот на Полјаците со мајсторската игра и борбеноста, како и суперѕвездата Кире Лазаров, кој постигна 13 голови, смета Штефан Кречмар, еден од најуспешните поранешни ракометари во Германија. Сегашниот колумнист во повеќе спортски портали очекува интересен натпревар против Македонија за која смета дека станала вистински страв и трепет за фаворитите. Најпрвин со јасната елиминација во квалификациите на Исланд, кој подоцна стана вицеолимписки првак, а сега и Полска. Македонија, според Кречмар, е во предност бидејќи не се наоѓа под притисок да исполни очекувања за добар резултат, освен на френетичните фанови кои прават најголем штимунг на натпреварите во Вараждин. Македонските ракометари можат да влезат опуштени во натпреварот бидејќи нема што да загубат. Доколку го запреме Лазаров, имаме добри шанси за победа“, смета Штефан Кречмар.