1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Страв и политички притисоци врз медиумите

Во новинарството во Македонија владее култура на страв и непочитување на правата на организирање, предупреди денеска во Скопје првиот човек на Европската асоцијација на новинари Арне Кениг.

default

Претседателот на Европското здружение на новинарите, Арне Кениг од Шведска

Шведскиот синдикалец Арне Кениг предупреди дека проблемите со новинарската фела во Македонија се поспецифични од оние во регионот и во Европа. На средбата со новинарите и претставниците на самостојниот синдикат на Македонија тој порача дека не смее да се креира клима во која луѓето кои ја вршат својата професионална работа не се почитуваат и уште повеќе да се отпуштаат заради нивното организирање. Според Кениг, загрижувачки е што новинарите имаат проблем со организацијата, бидејќи, како што нагласи, тие стравуваат од судските процеси кои се водат против како и од губење на работното место. Дополнителен проблем е што во Македонија има политичари сопственици на медиуми: „Во ЕУ имаме слоган дека новинарството е за јавно добро, а не за бизнис и политички цели“, рече Кениг.

Бран отпуштања и во Хрватска

Освен од Шведска, во делегацијата новинари има претставници и на новинарските синдикати од Србија, Хрватска и Бугарија. Според Драгана Чабиркапа, претседател на српскиот новинарски синдикат, состојбата во нејзината земја била катастрофална, посебно во приватниот сектор. Затоа според нејзе е многу важно синдикалното поврзување. Со слични проблеми се соочувале и новинарите во Хрватска, каде само во последната година од приватните медиуми биле отпуштени 300 новинари. Клучниот проблем во Хрватска е тоа што медиумските тајкуни ги користеле и манипулирале новинарите со политиката на невработување, односно нивно ангажирање како хонорарни соработници.

Делегацијата на европската федерација на новинарите очекува дека ќе се сретне и со претставници на македонската влада, на кои ќе им укажат на проблемите со кои се соочени новинарите во земјата.

Автор: Костадин Делимитов

Редактор: Горан Чутаноски