1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стравот од „бомбите“ им пресуди на преговорите

Катерина Блажевска20 октомври 2015

Од 12 часа разговори, 8 се потрошиле на темата како да се забрани објавувањето на „бомбите“. До полноќ истекува рокот за имплементирање на техничка влада.

https://p.dw.com/p/1Gqjk
Фотографија: MIA

Многу сум разочаран што не успеавме да изнајдеме решенија според договорите од јуни и јули годинава. Се‘ уште има надеж и се надевам дека ќе биде препознаена сериозноста на ситуацијата. Дефинитивно, денеска не беше добар ден, изјави еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан, по ноќешните неуспешни разговори со македонската партиска „четворка“.

Неуспехот беше извесен уште кога по полноќ од резиденцијата на ЕУ си заминаа лидерите на ДУИ и ДПА, Али Ахмети и Мендух Тачи.

„Во денешните разговори за некои нешта ги зближивме ставовите, но има и разлики. Договоривме партиските работни групи да продолжат со преговорите во однос на законот за Влада и за надлежностите на преодните министри“, изјави Ахмети.
Хан: Потребно е лидерство

Тоа што Груевски и Заев останаа во резиденцијата уште четири часа, не донесе напредок. Еврокомесарот Хан рано утрово изрази надеж дека денешниот ден ќе биде подобар за да се најде решение што е неопходно, за да останат активни евроаспирациите на земјата.

„Потребно е лидерство и одговорност за земјата и нејзината судбина. Ние не можеме да ја работиме работата на овдешните политичари. Ќе бидам среќен ако се испочитуваат договорените рокови“, рече Хан.

Груевски од резиденцијата на ЕУ во Пржино замина без да даде изјава. Оценка за разговорите даде пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ и член на Работна група, Илија Димовски.

Kombibild Politiker Mazedonien
Пред партиската лидерска четворка уште куп незавршени задачи

„Се обидуваме да најдеме баланс помеѓу јавниот интерес во врска со заштита на слободата на изразување, а од друга страна баравме да се испочитува она што е напишано во Договорот. Разговараме и законот за 'свиркачите' и се разгледуваат повеќе аспекти. Ќе има нов состанок на работната група, ќе останеме целосно посветени на наоѓање финален договор околу сите отворени прашања. Ова е комплицирана ситуација која треба да се разреши и се надевам дека во следните денови ќе најдеме решение“, рече Димовски. Тој нагласи дека треба да се најде решение и за надлежностите на дополнителни заменици министри, бидејќи тие не постојат во уставот и потребни се измени во Законот за влада.

Власта купува време

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев откри на која тема било потрошено најмногу време. „Не можам да сфатам како може на некој да му е поважно донесување на законот за забрана за објавување на 'бомбите', отколку од европската иднина на сите граѓани. Осум часа се потрошија за законот за 'бомбите'. За да можете да бидете казнувани вие медиумите и да биде воведена цензура. Нема да да се согласиме да бидат казнувани медиумите спротивно на европските вредности. Тоа не е само против нашите ставови. Тоа е против Република Македонија“, рече лидерот на СДСМ.

Mazedonien - Das Parlament
Фотографија: MAKFAX

За власта спорно било и ветото што можат да го стават замениците министри, а кое е дефинирано и во протоколот за спроведување на Договорот и гласи: „Овие заменици-министри ќе имаат полно право на преглед и вето во нивните министерства во сите правни, финансиски и кадровски прашања поврзани со организацијата на изборите. Сите горенаведени нови министри и заменици- министри ќе останат на своите позиции во новата влада“.

За да се испочитува Договорот од 2 јуни/15 јули, денеска треба да се имплементираат најмалку две обврски.

„Очекуваме да се избере тимот на специјалниот обвинител и да се избере техничка влада како што е дефинирано и прецизирано во протоколот од Договорот на 15 јули. Ни повеќе ни помалку. Власта само создава впечаток на купување на време. До кога? Еве дојде и комесарот Хан. Последните 20 часа сега да ги купуваме?“, рече Заев. Запрашан дали е оптимист, лидерот на СДСМ изјави: „Не можам да кажам. Нерационалноста во однесувањето транспарентно ја соопштувам. Ако е до нас, ние сме целосно посветени, максимално флексибилни, со сета енергија да успее договорот и Македонија да чекори кон ЕУ и да имаме фер и регуларни избори. Ако се сака за два часа може да се постигне договор. И 20 часа се премногу“.