1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Стравот од болест навистина разболува

Читање на упатствата за употреба детално? Тоа не е добра идеја. На интернет да се бара одговор - што значат моите симптоми? Тоа може да ве разболи. Кога информациите потсвесно предизвикуваат стравови, тоа е Ноцебо-ефект.

„Очекувањата го определуваат текот на работите“ е омилена реченица на Магнус Хајер. Тој е невролог и пишува за научни списанија и се занимава со потсвеста. Она што го очекуваме, вели тој, влијае врз текот на нашата болест. Тоа води или до исчезнување на симптомите или влијае врз тоа симптомите да се појават.

Оној којшто чита текст за тоа дека електромагнетското зрачење од трансмитерите на сигнали на мобилната телефонија може да предизвикаат болест, можеби ќе добие главоболка, дури и ако тие трансмитери не се вклучени.

Ако некој има тумор, побрзо умира ако е убеден дека за живеење му останале уште само неколку месеци, дури и ако туморот по дијагнозата не расте. Тоа се нарекува Ноцебо-ефект, а Хајер околу тоа има напишано книга.

Стравот предизвикува стрес, а стресот разболува

„Ефектот настапува многу кога се плашите - кога се плашите од болеста, од терапиите што ви претстојат. Тогаш несаканите дејства настапуваат многу почесто“, нагласува Хајер. „На пациентите кои се болни од рак им е понекогаш многу лошо само кога ќе стапнат во просториите каде имале хемотерапии, затоа што потсвесно насетуваат дека доаѓа чувството на мачнина.“

Стравот е стрес за телото и тоа може да го ослабне имунолошкиот систем. Тој станува поподложен на напади, инфекциите настапуваат почесто, доаѓаат болки кои не мора да се имаат.

Тоа го потврдуваат и студии, како оние на медицинарите од универзитетските клиники Регенсбург и Тибинген. Винфрид Хојзер, Емил Јансен и Паул Енк ги истражуваа трудовите за Ноцебо-ефектот публицирани во периодот од 1960 до 2011 година, ги проверуваа и сумираа сознанијата во оваа сфера.

Ноцебо и Плацебо се во основа ист ефект, само еднаш се работи за неговата негативна страна, а еднаш за позитивната страна. Двете не‘ погаѓаат онаму кадешто имаме најмало влијание - во нашата потсвест.

Плацебо-ефектот е многу истражуван. Ако се пребара онлајн-библиотеката на американското министерство за здравство, може да се најдат околу 160.000 информации за и околу Плацебо-ефектот. За Ноцебо-ефектот пак има само 180 наслови.

Премногу информации

„Ако кај некого биде констатирано стеснување на артеријата на вратот, не многу, туку само мало стеснување, тогаш секоја вртоглавица што потоа се јавува се поврзува со стеснувањето“, вели Хајер. „Притоа, секој има вртоглавица. Но дијагнозата ’стеснување’ веќе не може да се исфрли од главата, таа е во потсвеста.“

Algerien Medikamente ohne Rezept

Во упатствата за употреба на лековите е наведено се‘, дури и многу ретките несакани ефекти

Ако некој се плаши од тумор, тогаш нема да добие тумор, но можеби ќе се разболи од нешто друго. Кој се плаши од А, вели Хајер, нема автоматски да добие А, но можеби Б - на пример, некоја инфекција.

Ноцебо-ефектот се предизвикува пред се‘ од премногу информации. Ако на Гугл се бара „вртоглавица“, ќе излезат и најстрашните можни објаснувања. На упатството за употреба на лековите се набројани сите несакани дејства кои може да се замислат, дури и ако тие се јавуваат „многу ретко“, значи кај помалку од еден од 10.000 пациенти. Фармацевтските фирми имаат обврска да набројат се‘.

Вистинска комуникација

Кој ќе забележи дека можните несакани дејства му предизвикуваат загриженост или дури и страв, не треба едноставно да го фрли лекот во ѓубре или да си поставува сам дијагнози и да си дава лекови, туку треба да разговара за проблемот, најдобро со лекар.

Symbolbild Gehrinwellen

Треба да се внимава што се мисли, зашто тоа може да води до разболување или оздравување

Но, дури и комуникацијата лекар-пациент може кај пациентите да предизвика страв, доколку лекарот не внимава. На пример, лошо е ако лекарот не го слуша како што треба пациентот, не го гледа в очи, не го сфаќа сериозно, ако го заплашува, ако се изразува главно негативно или се расфрла лекомислено со дијагнози, без притоа да го прегледал пациентот како што треба.

Тоа може да се должи на недостиг на време или притисок од работата, или едноставно во желбата на лекарот што потранспарентно на пациентот да му ги објасни ризиците од еден третман или операција.

Ако нешто боли, вели неврологот Хајер, треба се разбира да се отиде на лекар. Разумни се и различни превентивни тестови и испитувања. Се‘ друго треба да се прифаќа со претпазливост за да не се нанесе штета на себеси. Не треба да се потценува начинот на кој нашата потсвест ги третира упатствата за употреба, медицинските дијагнози од интернет или од аптекарските списанија.