1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стравот на Америка

Геро Шлис / превод: ЕМФ28 ноември 2015

Доналд Трамп и останатите претседателски кандидати го користат теророт на ИД за свои цели во предизборната кампања. Тоа создава несигурност кај Американците и и‘ оди на рака на терористичката милиција, оценува Геро Шлис.

https://p.dw.com/p/1HDvq
Фотографија: picture alliance / empics

Дали Америка веќе ја загуби борбата против т.н. „Исламска држава“? Речиси се чини дека е така. Терористичката милиција во најмала рака постигна прва етапна победа. Зашто, со својата незауздана бруталност и со нападите кои стигнуваат до срцето на Европа, таа не сака да шири само убиства и страв, туку сака да го уништи западниот начин на живот. Таа во борбата на идеи и вредности сака со својата идеологија на насилство и потиснување да победи над слободата и хуманоста.

Со оглед на теророт на ИД, сите светски политичари ја повторуваат мантрата на единство. Но, токму западната водечка сила - САД, е поделена подлабоко од кога и да е околу прашањето: дали нејзините вредности може да преживеат во сенката на сеприсутните закани од тероризам?

Крај на културата на добредојде

Америка важи за татковина на слободата. Статуата на слободата зрачи се‘ до најоддалечените сиромашни квартови и најтемните ќелии на Земјата. Таа е симбол за културата на добредојде, која на прогонетите во овој свет им сигнализира заштита и нова животна шанса.

Тоа сега нема да важи токму за бегалците од Сирија. Повеќе од половината граѓани на САД, според најновите истражувања на јавното мислење, воопшто не сакаат влез на Сиријци во земјата. Со тоа, тие се на иста линија со гласањето во Претствничкиот дом, кој со големо мнозинство се изјасни против, од страна на претседателот Обама, ветениот прием на 10.000 сириски бегалци.

Schliess Gero Kommentarbild App
Геро Шлис, автор на коментарот

Храбар народ

Американците не се познати како особено плашливи. Тие ги испраќаат своите војници во најкритичните кризни региони во светот, ги преживеаја мноструозните напади од 11 септември и, врз основа на сопствената историја, веруваат во своите сили.

Тоа што овојпат е поинаку има врска со предизборната кампања за претседателските избори и засрамувачките тиради на републиканските претседателски кандидати. Со невистини и презриви изјави тиа му одат на рака на бизнисот на ИД. Тие шират страв меѓу своите сонародници и сеат омраза и недоверба. Притоа, најмногу предничи Доналд Трамп. Тој ги става сириските бегалци под генерално сомневање за тероризам и своите срамни сомнежи ги проширува на сите муслимански заедници во САД. Тој неточно тврди дека илјадници муслимани во сојузната држава Њу Џерси наводно славеле по нападите од 11 септември. Под лупа треба да се стави секоја џамија и сите муслимани да се заведат во еден централен регистар, бара неумерениот милијардер, следен со аплауз од своите приврзаници.

Кампања полна со сомнежи. Се чини се‘ повеќе Американци сакаат да се откажат од својот Way of Life (начин на живот). Љубовта кон слободата и‘ отстапува место на тесноградоста. Подготвеноста на помош и‘ отстапува место на недовербата, која се претвора во отфрлање на другиот. Во многу заедници на САД тоа се‘ повеќе ги погаѓа муслиманите кои тука живееле отсекогаш мирно и - за разлика од Франција - досега биле добро интегрирани.

Предности за терористите

Тоа на ИД и‘ обезбедува двојна предност. Таа ја демонстрира својата моќ да влијае врз западниот начин на живот. Истовремено, Трамп и компанија со своите напади врз муслиманските заедници создаваат нов потенцијал за регрутирање на можни „осамени волци“-атентатори.Зашто, оној кој се чувствува изолиран е приемчив за радикална идеологија. Но, тоа не е и природен развој на нештата. Време е умерените републиканци да се кренат и недвосмислено да се дистанцираат од оние кои аргументираат како Трамп.

И претседателот Обама мора да покаже повеќе цврстина во дискусијата со радикалната десница. Тој пречесто се однесува како судирот со нив да е излишен. Не е доволно само да се чувствуваш интелектуално надмоќен. Обама мора да допре до своите сонародници. На ден пред Денот на благодарноста, големиот празник на Американците, тој со својот безбедносен тим изненадувачки се појави пред камерите за на Американците кои се се‘ понесигурни да им влее чувство на безбедност. Вистински чекор за намалување на стравовите и за внесување стручност во ирационалната дискусија за теророт и бегалците. Но, целта ни оддалеку не е постигната. На коцка се многу нешта. Конечно, се работи и за душата на Америка, за американскиот сон.