1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Стравични сценарија за Сирија

Меѓународниот специјален посредник во сирискиот конфликт Лакдар Брахими и натаму се залага за окончување на крвавата војна во Сирија. Но, се чини дека ни тој не верува многу во успех.

Меѓународниот посредник во сирискиот конфликт Лакдар Ибрахими е дециден: „Постојат само две можности - пекол или политичко решение.“ Со овие зборови тој ја скицира состојбата во Сирија. Пратеникот на ОН и на Арапската лига предупреди и од крах на државниот поредок во земјата. Ако не се најде политичко решение, во Сирија идната година ќе владеат воени регионални моќници.

Бројот на жртвите во конфликтот за една година од сегашните 45 илјади може да порасне на 100 илјади, предупредува Брахими.

Дипломатско решение и покрај интензивните обиди за посредство не е на повидок, призна Брахими по средбата со генералниот секретар на Арапската лига, Набил ал-Араби, во Каиро. Ситуацијата во Сирија од ден во ден се влошува, но Брахими сепак ја следи целта - постигнување согласност уште пред втората годишнина од граѓанската војна, на 18. март 2013. година. Алжирскиот дипломат своите предлози на викендот ги изложи во Русија, а потоа во Каиро пред Арапската лига. Тој останува на планот на Кофи Анан, кој предвидува прекин на огнот, создавање преодна влада, во која би биле и претставници на режимот на Асад, а подоцна избори и донесување нов устав на земјата.

Russland - UN-Sonderbeauftragter Lakhdar Brahimi und Aussenminister Sergei Lavrov

Лакдар Брахими и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров

Бунтовниците меѓутоа како предуслов ја поставуваат оставката на претседателот Асад, што Русија го оценува за контрапродуктивно. Брахими се труди да ги натера бунтовниците и власта да разговараат едни со други, а не едни за други, како што вели.

Ердоган бара оставка од Асад

Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган побара оставка од сирискиот претседател Башар ал-Асад. Зборувајќи пред сириските бегалци во кампот во граничното место Акчакале, каде се сместени околу 25 илјади луѓе, Ердоган истакна дека повеќе од сто држави веќе нема да го признаваат Асад.

Борбите продолжуваат

Во Сирија, во меѓувреме, оружјето не молкнува. Бунтовничките сили на Слободната војска на Сирија извршија ракетен напад врз Народната палата во Дамаск, каде се наоѓа канцеларијата на шефот на државата Башар ал-Асад.

Flüchtlinge Grenze Syrien Jordanien

Сириски бегалци во Јордан

Воената единица „Силите на Дамаск“, која им припаѓа на бунтовничките сили, со ракети од домашно производство ја нападнале претседателската палата од ридот што се наоѓа над главниот град.

По нападот, во близина на палатата се собрале голем број припадници на армијата лојална на сирискиот режим.

Засега не се знае дали истреланите ракети ја погодиле палатата.

Се‘ повеќе Сиријци пак, ја напуштаат земјата бегајќи од борбите. ОН прогнозираат дека бројот бегалци од Сирија во странство во првата половина од 2013. година ќе достигне околу еден милион, а три милиони се во бегство низ земјата.