1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

СТО има нов директор

Почнува мандатот на новиот генерален директор на Светската трговска организација (СТО), Бразилецот Роберто Азеведо. Тој важи за искусен дипломат. Негова цел е придвижување на заглавените преговори за слободна трговија.

Роберто Азеведо има повеќе цели за својот мандат како директор на Светската трговска организација. Тој уште својата кандидатура за шеф на СТО ја стави под мотото - зајакнување на слободната трговија и повторно заживување на Доха-рундата: „Преговорите се сосема заглавени. Мојот фокус ќе биде нивно повторно заживување за да се најде одговор на економскиот развој на светот“, изјави Азеведо во интервју за Дојче веле на почетокот на годинава.

Комисијата за избор веројатно знаеше да ја цени ваквата негова намера и го избра за наследник на Французинот Паскал Лами. Повторното заживување на Доха-рундата и според многумина набљудувачи е еден од најважните предизвици на СТО. Таа се роди во 2001 година, по жестоките протести против негативните последици на глобализацијата. Учесниците на рундата се обидуваат да најдат начин за поголемо земање предвид на интересите на земјите во развој и земјите во забрзан подем во светската трговија. Но преговорите од 2003 година се во мирување. Една од главните спорни точки се аграрните субвенции на индустриските земји.

Brasilien WTO Roberto Azevedo

Роберто Азеведо има 55 години и е искусен дипломат

Токму тоа е специјалност на Азеведо. Како главен преговарач од Бразил тој во 2005 година успеа да издејствува СТО да ја обврзе ЕУ да ги намали субвенциите за шеќерот. Во 2008 година дипломатот издејствува судска одлука со која САД мораа да ја намалат помошта за производството на памук.

Азеведо има извршувано важни функции во бразилското министерство за надворешни работи, меѓу другото беше претставник во ОН од 1997 до 2001 година. Од 2006 до 2008 година беше главен бразилски преговарач во Доха-рундата, а од 2008 година е постојан амбасадор на својата земја во СТО во Женева. Ваквиот професионален пат може да му биде од полза - тој го познава системот и актерите.

Познатата бразилска колумнистка за економски теми Миријам Леитао победата на Азеведо во изборот на генерален директор на СТО во мај годинава ја опиша како „победа на мултилатерализмот“, значи победа на обидот да се обединат што поголем број земји во голем договор за слободна трговија.