1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Сто дена хаос

Пред точно сто дена, на 12 јануари, главниот град на Хаити, Порт-о-Пренс беше срушен до темел од катастрофален земјотрес. Засега се`уште не може да се зборува за обнова, а проблем е и претстојната дождовна сезона.

default

Земјотресот остави два милиони лица без покрив над главата

Црвениот крст на Хаити обезбеди вода на поранешниот воен аеродром во Порт-о-Пренс. Деца, мажи и жени се редат под цревата за да се искапат. Место за срамење нема, а за приватна сфера во овој импровизиран камп за илјадниците бездомници не може да стане збор. Повеќето од нив живеат под шатори што ги добиле од меѓународната хуманитарна помош, шатори ретко се среќаваат. Неколку разлутени жени не се воздржуваат во нивните критики. Зошто добиваме само вода и ништо друго - прашуваат тие. Велат дека се прегладнети и оставени сами на себе. Уште погневни стануваат кога ќе се спомне владата: „Ништо, претседателот Превал не стори апсолутно ништо за нас.“ Само Господ е со нас, велат тие. Обилните тропски дождови ја најавуваат и претстојната дождовна сезона.

Erdbeben Haiti Flash

Размерот на катастрофата беше драматичен

Кога домот е под церада...

Во кампот на поранешниот воен аеордром навистина има дефицити, потврдува и координаторот на хуманитарната организација Оксфам. Во другите кампови навистина изгледа нешто подобро.

Во кампот подигнат на паркингот на еден голем авто-салон, на пример, има дури и групи за деца. Шаторскиот град тука е релативно добро организиран. Скоро 74 отсто од жртвите, кои останаа без своите домови, во меѓувреме се снабдени со шатори и церади.

Патрик Фертил, 27 годишен студент, ја покажува церадата под која живее. Три на метар и половина непослана земја, две ќебиња, едно тенџере, неколку лични работи: тоа е домот во кој веќе три месеци живее со својата девојка: „Ми недостасуваат душеци за спиење, а од пред две недели немаме ниту вода за пиење. Искрено кажано, не сум навикнат да живеам вака. Претходно живеев во сосема нормална куќа. Тука и комарците ме уништија, немаме заштитна мрежа. Ништо немаме. Подот е прашлив, цела кожа ми се исфрла. Јадеме што ќе ни дадат и едвај чекам да добијам некоја работа, да можам сам да се грижам за себе и за жена ми“, вели младиот човек.

Haiti 100 Tage nach dem Erdbeben Flash-Galerie

Ниту претседателската палата не го преживеа силниот земјотрес

За обнова не може да стане збор

Работа, училишта и вистински домови за луѓето, ова се приоритетите за во иднина. Хуманитарната помош би требало кога-тогаш да престане, освен за оние на кои им е најнеопходна. И конечно треба и економската циркулација повторно да заживее. Ако се` се дава без пари, ова нема да успее. Михаел Кин од организацијата „Помош за гладните во светот“ резимира:„Дури и да кажам дека мерките за итна хуманитарна помош беа успешно спроведени, не може да се рече дека билансот е позитивен, бидејќи размерот на катастрофата е едноставно преголем. Најважното сега е луѓето што поскоро да се вселат во цврсти градби, но тоа ќе потрае уште најмалку една до две години.“

Дури и три месеци по катастрофата, не може да се зборува за обнова на разурнатиот град. Од пред неколку дена багери почнаа да ги раскреваат остатоците од она што некогаш беше претседателската палата - симболична слика за скршеноста на националната гордост.

Haiti 100 Tage nach dem Erdbeben Flash-Galerie

Расчистување на сметот за четири евра дневно

Можност, наместо шанса

Со програмите „работа за пари“, хуманитарните организации се обидуваат да погодат две муви со еден удар. Тие, имено, им плаќаат на жителите на Хаити по четири евра на ден, за расчистување на шутот.

Така урнатините се расчистуваат, а истовремено народот добива куповна моќ. На тротоарите веќе владее вообичаениот хаос на уличните продавачи. Уште пред земјотресот, повеќе од деведесет насто од заработувачката во Хаити се одвиваше по пат на нерегулирани работни односи.

Во Хаити ни недостасува средната класа, мали претпријатија и земјоделство, вели Регинал Бургос, претседател на индустриската и стопанска комора на Хаити. „Потребно ни е водство и потребен ни е план. Јас го гледам земјотресот како ’можност’, но не би сакал да го наречам ’шанса’, бидејќи во него загинаа триста илјади лица. Ниту за геноцидот во Руанда не може да се каже дека беше ’шанса’, меѓутоа беше можност да се почне одново. Земјотресот е нашата можност да почнеме се` од почеток.“

Автор: Михаел Кастрициус/Трајче Тосев

Редактор: Александра Трајковска