1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

„Стотка“ на Прима Центар Берлин

Творештвото на 30-тина автори кои до сега излагале во Прима Центар Берлин ја чинат стотата изложба на македонското катче во германската престолнина.

default

Јован Балов

„Прима Центар во Берлин постои нешто повеќе од шест години. Од првата групна изложба ’Сегменти’ на македонските уметници до последната, се реализирани вкупно 100 изложби, 100 отварања, 100 дружења, ноќи и вечери. Низ нив минаа 250 автори, од кои дури околу 130 успеаа лично да бидат присутни. Во секој случај тоа е еден прекрасен момент“. Ваков биланс на јубилејот на Прима Центар Берлин дава двигателот на македонската уметност во Берлин Јован Балов. И самиот уметник, многу добро знае што значи кога некому ќе му се даде шанса. Првите чекори на професионален план тука ги стартувале многумина, меѓу нив на пример е Ана Матевска која првата изложба ја имала токму во Берлин, а сега е тука на постдипломски студии. Нејзините стапки се подготвува да ги следи и Благојче Наумовски, вели Балов дополнувајќи дека секој автор од младата генерација понесе искустава од Прима Центар, секој се врати збогатен со многу информации и нови видици. И неговата задача како раководител на Прима Центар и организатор на изложбите ја гледа во отварањето нови хоризонти, остварување контакти со луѓе од глобаланата ликовна сцена на Берлин и воопшто на Германија. „Тоа е школа што не може да се плати, туку треба само да се доживее,“ вели Јован Балов забележувајќи дека од докажаните уметници пред берлинската публика досега се претставиле автори кои веќе се во антологијата на македонската уметност: Вангел Наумовски, Душан Перчинков, Димитар Малиданов, Симон Шевмов, Жанета Вангели, Антнони Мазневски и многу други. Балов смета дека Прима Центар во изминативе години имаше капацитет да презентира уште двојно повеќе автори, но било направено она што било реално возможно.

Познавачи на македонската уметност

Jovan Balov Künstler Berlin

Претставувањето во Прима Центар е школо, што не може да се плати, туку треба само да се доживее! Јован Балов

Статистиката вели дека околу 400 луѓе редовно ги посетувале изложбите во Прима Центар. Колку е доближена македонската уметност до оваа средина? Берлинската публика, според Балов имаше голема чест темелно и етапно да ја открива македонската уметност. Прима Центар има редовна публика и куратори кои се „специјализирале“ за македонската уметност. „На добар процент од публиката и е јасно дека македонската уметност е дел од европската современа естетика и дека има право на рамноправна презентација“, дополнува Балов, кој го истакнува искуството со познатиот берлински куратор и критичар Ролф Курц Мегкензи, кој по редовното присуство во Прима Центар прерасна во голем познавач и љубител на македонската уметност.

Прослава на стотата изложба

Интересно е и што јубилејната стота изложба е во галерискиот простор на Културниот центар Југоисточна Европа, чии луѓе ги следат активностите на Прима Центар. Тие го пресметале јубилејот и ја иницирале прославата на „стотката“. Самата прослава на 100-то отворања е всушност една акција! Пред некоклу месеци Балов се обратил до уметниците кои учествувале на изложби во Берлин и бил неверојатно изненаден од одгласот. Сите веднаш одговориле дека ќе придонесат во прославата на „стотката“. „Ваквиот фитбек е патоказ за работата, вреднување на вложената енергија“, изјави за Дојче веле Јован Балов.

Автор: Силвера Падори-Кленке

Редактор: Александра Трајковска