1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Стотици илјади луѓе на демонстрации во Киев

Стотици илјади жители на Украина протестираа барајќи да биде соборен претседателот Виктор Јанукович. Во главниот град се одржаа најголемите демонстрации по 2004. година. Дали раководството ќе го коригира својот курс?

Засенети од инциденти, во Киев против претседателот Виктор Јанукович се одржаа демонстрации на стотици илјади приврзаници на процесот на приближување на Украина кон ЕУ. Во судирите меѓу полицијата и бунтовниците во владиниот кварт повредени вчера биле најмалку 150 луѓе, соопштија властите. Наспроти тоа на Плоштадот на независноста во центарот на украинскиот главен град протестите минаа мирно.

Стотици илјади луѓе излегоа на улиците

Телевизијата 5.Канал, критички настроена кон власта, објави дека на демонстрациите учествувале 700.000 луѓе, додека според други извори бројот на учесниците на протестната манифестација е значително понизок, 200.000. Едно сепак може да се каже: Тоа беа најголемите протести во Украина по прозападната Портокалова револуција од 2004. година, предводена од поранешната премиерка Јулија Тимошенко, која моментно се наоѓа во затвор. Повеќемина протестатни ноќта ја минаа во шатори.

Опозицијата собрана околу светскиот првак во бокс Витали Кличко за денеска најави нови протести пред седиштето на владата. „Мораме да ја мобилизираме целата земја и не смееме да ја загубиме иницијативата“, рече Кличко. „Наша цел е целосна смена на владата во Украина“, изјави шефот на партијата „Удар“.

Лидерот на десно-популистичката партија „Свобода“, Олег Тјагнибок, повика на генерален штрајк ширум земјата.

Kiew Ukraine Protest Regierung 1. Dezember

Опозицијата обвинува за провокација

Опозициониот политичар Арсени Јазенјук од партијата „Татковина“ на Тимошенко пак говореше за провокација на владата. „Украинската опозиција нема никаква врска со тепачките пред претседателскиот кабинет. Нашите акции се мировни. Сите провокации таму се спроведени исклучиво по наредба на претседателот и секретарот на Националниот совет за безбедност и одбрана“.

Исто така и во други градови на Украина имаше протести.

Министерто за внатрешни работи жали за акцијата на полицијата

Демонстрантите постојано извикуваа „револуција“ и вееја знамиња на Европската унија како барање земјата да продолжи по западниот курс. Преку плакатите тие ја обвинија владата за бруталната полициска акција против приврзаниците на ЕУ во саботата во Киев, кога повеќемина беа повредени. Министерот за внатрешни работи Витали Захарченко во меѓувреме се извини за акцијата на специјалната единица „Беркут“. Шефот на полицијата Валери Корјак понуди оставка.

Претседателот Јанукович увери дека ќе стори сѐ за брзо приближување кон ЕУ, но станува збор за тоа да се избегнат економски загуби, го бранеше тој својот досегашен курс. Украинскиот претседател, по силниот притисок од соседот Русија, одби да го потпише Договорот за потесна соработка и слободна трговија со Европската унија.

Генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Размусен ги повика страните во конфликтот да не употребуваат насилство. Германскиот министер за внатрешни работи Гидо Вестервеле ја повика Украина „да ја гарантира слободата за собири и да ги заштити мирните демонстранти од секаков вид заплашување и насилство“. Министрите за надворешни работи на Полска и Шведска, Радек Шикорски и Карл Билд нагласија дека ЕУ и натаму е подготвена да го потпише Договорот за асоцијација со Украина. „Но, со оглед на тоа што недостасуваат какви и да се докази за економски реформи, нема да учествуваме во лицитирачка војна за иднината на Украина“, се вели во едно соопштение.