1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Стотина мртви во напади во Ирак

Најмалку 107 луѓе загинаа денеска (23.07) во серијата бомбашки напади и престрелки ширум Ирак, еден ден откако 20 лица ги загубија животите во експлозии, во рамки на зголеменото насилство, главно врз шиитски цели.

Крвопролевањето ги покажа на дело недостатоците на ирачките безбедносни сили, кои не успеаја да ги спречат бунтовниците да ги извршат нападите на повеќе локации ширум земјата.

Освен големиот број загинати, најмалку 268 луѓе се повредени во нападите во шиитските делови на Багдад, шиитскиот град Таџи северно од главниот град, Киркук и Мосул во северниот дел на Ирак и многу други места, соопштија здравствени и полициски извори.

Ова е еден од најкрвавите денови во последните неколку недели. Засега ниту една група нема преземено одговорност за серијата напади, но висок ирачки функционер го обвини ирачкиот огранок на терористичката мрежа Ал Каеда - Исламска држава Ирак, кој го сочинуваат сунитски екстремисти кои се исклучително непријателски расположени кон владата во Багдад, предводена од шиити и која има пријателски односи со Иран.

„Имајќи го предвид она што се случува во Сирија, овие напади би требало сериозно да се сфатат како потенцијална закана за нашата земја. Ал Каеда се обидува да го доведе Ирак на работ на војна меѓу шиитите и сунитите. Таа сака ситуацијата да биде лоша како во Сирија“, истакнува високиот функционер.

Ирачкиот огранок на Ал Каеда, Исламска држава Ирак, вчера најави дека ќе почне со напади врз судии и јавни обвинители и дека ќе организира акции со цел да им помогне на неговите припадници да побегнат од ирачките затвори.