1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Стотина девојчиња затруени во Авганистан

Исламски радикали со отровен прашок ги затруле девојчињата кои посетувале настава во училиште на северот на земјата.

Повеќе од 120 девојчиња на училишна возраст и тројца наставници биле отруени во втор напад од овој вид во последните два месеци на северот на Авганистан. Нападот се случил во провинцијата Такар каде, според полицијата, радикалните исламисти се спротивставуваат на вклучувањето на жените и девојчињата во образовниот систем. Радикалите фрлиле неидентификуван отровен прашок во училниците во локалното училиште. Десетици ученици ја загубиле свеста.

Од авганистанските безбедносни служби соопштуваат дека талибанците засилено работат на затворање на училиштата во пресрет на најавеното повлекување на странските воени сили до 2014. година.

„Дел од нивната пролетна офанзива е да ги затворат училиштата. Со труењето на девојчињата тие сакаат да предизвикаат страв и да ги натераат семејствата да не ги испраќаат своите деца на училиште“, изјави портпарол на безбедносната служба.

Авганистанското министерство за образование соопшти дека 550 училишта во 11 провинции каде талибанците имаат силно влијание биле затворени во изминатиот период. Минатиот месец 150 девојчиња беа отруени во провинцијата Такар откако пиеле контаминирана вода.

По уривањето на талибанскиот режим во 2001.. година, девојчињата почнаа да се враќаат во училиштата, особено во главниот град Кабул. Претходно им беше забрането да учат и да работат. Но нападите врз учениците и училиштата се‘ уште се чести.