1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Стоп за електронски пораки по завршеното работно време

Во кафулиња, автобуси, трамваи, седат луѓе со смартфони и лаптоп-компјутери пред себе. Но, постојаната достапност долгорочно е нездрава. Некои германски фирми сакаат да ги заштитат своите вработени-од нив самите

„Пип-пип“ или „биип“, и денешниот „вмрежен“ човек веќе знае: добил нова порака. Тој брзо ја отвора, можеби е од шефот. И потоа, се разбира, треба веднаш да се одговори, се работи за тоа да се остави добар впечаток. Не само кај шефот, туку воопшто, зашто постојаното добивање пораки и одговарањето на нив делува исклучително компетентно и „кул“.

За своите вработени барем делумно да ги ослободи од ваквиот притисок, германскиот автомобилски производител Фолксваген уште од пред три години воведе практика - колективно исклучување на службените смартфони по завршувањето на работното време: серверот преку кој се управува електронската пошта за мобилните телефони се исклучува навечер, половина час по крајот на работното време и се вклучува дури утрото, половина час пред почетокот на работното време. Во тоа меѓувреме вработените во Фолксваген не примаат никакви и-меилови на службените телефони.

Без заобиколувања

Исклучокот го потврдува правилото: „Ох, ме фативте на препад, ги читав пораките кратко по седум утрово“, со смеење одговара Јерг Кетер на прашањето кога првпат ја проверил пристигнатата електронска пошта дента. Портпаролот на Работничкиот совет на Фолксваген од службени причини не спаѓа во групата од 4 илјади соработници, кои профитираат од правилото.

Jörg Köther

Јерг Кетер од Фолксваген

Во Работничкиот совет се горди на правилото донесено при воведувањето на службените мобилни телефони, вели Кетер.

„Зашто ова решение со хардверот оневозможува секакви заобиколувања на правилото и ослободува од нужноста вработените да мора да се нагодуваат со својот шеф како тоа конкретно да се изведе“.

Реакциите на вработените се главно позитивни, а и раководството на фирмата уште од почеток имаше целосно разбирање за стриктната поделба меѓу работното и слободното време.

Дополнително работно време на база на доверба

Баварскиот автомобилски концерн БМВ оди по друг пат. Таму заеднички со работничкиот совет е развиен модел при кој вработените со шефот можат да се договорат во колкав обем и што можат да одработат по пат или дома. Потрошеното време потоа го запишуваат како работно и тоа им се признава, врз база на доверба.

Jochen Frey BMW Group

Јохен Фреј од БМВ

Портпаролот на БМВ Јохен Фреј противречи на критиките дека со тоа широко се отвораат вратите за (само) искористување на соработниците:

„Токму спротивното, се регулира можноста за мобилна работа. Ние силно се потпираме вра дијалог меѓу раководството и соработниците. Тоа значи дека соработниците со своите шефови го договараат времето кога се достапни“. Притоа, тие автоматски ги означуваат и времињата кога тие не се достапни.

Волшебниот збор - комуникација

Оваа практика има оправдување и од научен аспект, вели Франк Бреншајт од Сојузната служба за заштита на работа и трудова медицина во Дортмунд. Зашто, таа на двете страни им нуди низа предности, од кои една од најважните: „Со тоа што јас еден ден можеби можам да работам и од дома, можам да поминам повеќе време со семејството. Тогаш новите медиуми и можности за достапност, се разбира, се работи кои имаат позитивно влијание врз приватниот живот“.

Решавачки притоа се јасните спогодувања меѓу раководството и соработниците во рамките на секоја фирма или оддел, истакнува Бреншајт. Меѓутоа, тука би морал да постои и доволен маневарски простор за индивдуални договори, инсистира научникот:

„Ако еден раководител на производството од дома може да спречи нешто да тргне наопаку или да се влоши, тогаш има смисол тој да биде баран телефонски. Но, мора да се знае да се прави разлика меѓу важно и неважно и сето тоа да се ограничи на минимум“.

Frank Brenscheidt Bundesanstalt für Arbeitsschutz und Arbeitsmedizin

Експертот по трудова медицина Франк Бреншајт

Вин-вин ситуација

Целта на овие модели е грижата за доброто здравје на соработниците . Зашто, вработените крајно се капитал на претпријатието. Но, концерните профитираат и од друг аспект , признава портпаролот на БМВ, Фреј за Дојче веле:

„Ние сакаме имиџ на атрактивен работодавач. Затоа, ги нудиме овие можности за да покажеме: кај нас работата може да се приспособи на животот, а не животот на работата“.

Сепак, при ваков модел базиран на претходен договор на новата ситуација првенствено треба да се приспособат раководните кадри, истакнува Франк Бреншајт. Затоа, темата „здраво раководење“ треба да биде внесена во обуката на раководни кадри.

На овој начин може превентивно да се спречи настанување недоверба меѓу соработниците, зашто некогаш некој мисли дека неговиот колега ужива поголем углед кај шефот бидејќи е подолго и почесто достапен.

„Ова го договоривме за да не настане вакво чувство. Целта на договорот е промена во сфаќањето на довербата, никој да не биде накриво гледан ако не е секогаш достапен или понекогаш не е во канцеларијата“, вели портпаролот на БМВ, Фреј.

А она што има смисол во професионалниот живот, патем може да помогне да се избегне голем дел од стресот и во приватниот живот, дополнува експертот Франк Бреншајт:

„Препорака е човек самиот себе си да се поштеди, со тоа што на пример само двапати или трипати дневно ќе одговара на електронска пошта, а не веднаш на одговара на секоја пристигната порака“.