1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Стопанството "тргна", сега е безусловно нужен компромис околу реформскиот пакет

По тригодишна тврдокорна стагнација германското стопанство повторно е на курсот на пораст; тоа, навистина, засега оди бавно, но сепак напред. Чувството не не' излажа, искуството се потврди. Реалниот развој во претпријатијата секогаш доцни околу половина година зад атмосферата - така е и овој пат: од првите месеци на годинава индексот на деловната клима покажува подобрување на расположението на раководни нивоа во стопанството, додека стопанскиот пораст е регистриран дури во третиот квартал. 0,2 насто не е многу, но е направен пресврт на трендот според вообичаената мостра на текот на конјунктурата во Германија: извозот го придвижува воздржаниот замав, што пак е рефлекс на силниот подем на американската конјунктура. Сега е битно овде во земјава да повлечат и другите конјунктурни агрегати, пред се' побарувачката од приватните потрошувачи и инвестициите. За приватната потрошувачка тоа може да го потврди сега започнатиот предбожиќен бизнис на трговијата на мало. Ако тогаш, поради извозот и потрошувачката, бидат позначајно ангажирани производните капацитети на претпријатијата, тогаш и инвестициите се придружуваат речиси автоматски. Се' зборува во прилог на тоа дека така стапува во погон и нов конјунктурен циклус. Но, исто така се' зборува и во прилог на тоа оти замавот наредната година навистина ќе се засили, но ни тогаш не ќе може да стане збор за висока конјунктура или дури за бум. Како експертите - петтемина мудреци, исто така и министерот за стопанство Волфганг Клемент, сметаат на пораст од најмалку 1,5 проценти. Споредено со поранешните стапки на пораст, како и со ситуацијата во економијата на другите големи индустриски земји, тоа е многу скромно. Значи, мора да биде сторено се' за да се доведе моторот на конјунктурата да работи на високи вртежи. За тоа не се одговорни само тарифните партнери во претстојните преговори за платите, туку тоа е пред се' должност на политиката. Сојузната влада ги донесе неопходните реформи во социјалната област, а покрај тоа сака и да ја засили приватната потрошувачка со предвремен старт за цела година на даночната реформа; ЦДУ и ЦСУ го запреа пакетот закони во Бундесратот. Безусловно е нужен компромис во одборот за посредување - ако пропадне реформскиот пакет, тоа би бил тежок и неодговорен удар за стопанскиот развој.