1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Стопанството робустно - расположението лошо

Со какви очекувања стартува германското стопанство во Новата година? Според анкетата на истражувачкиот институт спроведена меѓу сојузите на браншите, се стопанисува добро, но не чини расположението.

Германското стопанство е добро организирано кога станува збор за застапување на неговите интереси. За секоја бранша постои сојуз, кој ги советува своите членови - претпријатија и се обидува да изврши влијание врз политиката.

Сојузите и претпријатијата го финансираат и Институтот за германското стопанство во Келн (IW), истражувачки институт кој застапува економско либерални и позиции блиски до работодавачите. Директорот на институтот Михаел Хитер еднаш годишно спроведува анкета во сојузите околу тоа какво е расположението меѓу нивните членови.

Мнозинството се песимисти

На прв поглед резултатот беше отрезнувачки. Секој втор сојуз е песимистички настроен и очекува влошување на состојбата во новата година. Остатокот смета дека ќе остане како што е. Дека ќе тргне на подобро не верува никој. „За првпат од 2009 година ниту една бранша не очекува дека ќе биде подобро отколку во минатата година“, вели Хитер.

Претпријатијата пред се’ се загрижени поради должничката криза во еврозоната. Сепак, лошото расположение не значи автоматски и полоши бизниси. Такво нешто очекуваат само 11 од 46 анкетирани сојузи, додека 20 сојузи очекуваат подобри бројки во новата година. Расположението е полошо од состојбата, смета Хитер: „Имено, вистински релевантните индикатори - очекувањата за продукцијата, инвестициите и вработувањето се вонредно големи.“

Жалење на високо ниво?

Силни стопански изгледи, но лошо расположение - ова звучи како превентивно жалење, за да се одбијат барањата за платите на работниците и политиката да се потсети дека мора да стори повеќе за претпријатијата. „Претпријатијата се изворедно внимателни. Искуството од крајот на 2008 година и почетокот на 2009 година, кога се’ ‘избега‘ од раце и светското стопанство беше во застој, тоа не е така одамна“.

Michael Hüther Direktor des Instituts der Deutschen Wirtschaft Köln

Михаел Хитер

Единаесет од 46 сојузи сметаат дека ќе дојде до намалување на работните места во нивната стопанска гранка. Кон ова се вбројува рударството, печатарската индустрија, банките и енергетскиот сектор. Токму кај енергетските претпријатија политиката е соодговорна поради лошото расположение, смета Хитер.

„Владата усвои енергетски промени, но очигледно не е во состојба да ги спроведе“. Претпријатијата, кои планираат големи инвестиции, повеќе не се сигурни. „Политиката и покрај глобализацијата има големо значење, оти таа одлучува за рамковните услови. Од тоа зависи, дали во глобалната конкуренција ќе бидеме успешни и овде ќе може да обезбедиме вработувања и плати“.

Пораст во машинската индустрија

Попозитивни од енергетските фирми на иднината гледаат класичните индустриски претпријатија, како на пример автомобилската бранша, но пред се’ електротехниката и машинската индустрија. „Индустријата, моторот на нашиот конјуктурен развој, е добро поставена и робустна. Кај машинската индустрија дури има очекувања да порасне продукцијата и инвестициите да бидат повисоки“, вели Хитер.

Ова е во согласност со конјуктурната прогноза на Институтот за германското стопанство. Откако 2012 година започна силно и потоа заслабуваше, развојот во 2013 година се очекува да биде обратен: слаб старт, а конјуктурата треба да повлече во втората половина на годината. Хитер за целата 2013 година очекува економски пораст од 0,7 проценти, нешто помалку од претходната година.

Останува прашањето - кому му служи анкетата на сојузите? Хитер вели дека таа нуди ориентација - за претпријатијата, но и за политиката. „Во основа тое е сигнал. И во една изборна година не смее да се запостави работата“.