1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Стопанството без модринки

Успешна и стабилна економија - Германија се чини низ кризата мина без големи проблеми. Владата и опозицијата ваквиот успех си го припишуваат себеси во предизборните настапи.

„Ви благодарам за она што го правите за нашата земја, ви благодарам за она што го правите за Европа“, изјави Ангела Меркел пред претставниците на стопанството во јуни годинава. Како и секогаш, не пропушти дури и на „Денот на германската индустрија“ да разговара со менаџерите. Зашто германската индустрија има значаен удел во релативно успешното справување на Германија со кризата. Од тоа во кампањата сакаат да профитираат и владата и опозицијата.

BDI - Bundeskanzlerin Angela Merkel

Благодарност до стопанството - канцеларката Меркел на собир на БДИ

Една четвртина од вкупниот економски учинок во Германија оди на сметка на индустријата. Претпријатијата кои се дел од Сојузот на германската индустрија (БДИ) вработуваат повеќе од осум милиони луѓе во Германија. Затоа претседателот на БДИ Улрих Грило својата бранша со самодоверба ја нарекува „машина за вработување“.

Германските производи се барани ширум светот

Ниту една друга индустриска нација во светот не располага со толку многу успешни семејни претпријатија, како Германија. Под средни претпријатија во Германија се подразбираат фирмите кои вработуваат максимално 500 вработени. Четири од пет германски индустриски претпријатија се во семејни раце.

Она што се произведува во Германија е барано ширум светот, пред се‘ во земјите во забрзан подем - автомобили, машини и хемија. Деведесет проценти од сите издатоци за истражувања и развој во Германија отпаѓаат на индустрсиките претпријатија. Во другите индустриски земји во Европа процентот е 70.

„Германија стана она што е денес благодарение на тоа што оваа земја повеќе од 150 години се има насочено кон индустријата. Таа е и останува најважниот фундамент на германското стопанство.“ Европскиот континент е слаб онаму каде што индустријата не игра голема улога. „Слаба индустрија значи драматични стапки на невработеност и дестабилизација на општеството“, нагласува Грило. Гермјанија навистина, во европски рамки, има најголем индустриски сектор.

Голем пад, брз подем

Поради финансиската криза и конјуктурата во Германија забележа пад од 5% во 2009 година, но само две години подоцна е достигнато нивото од пред кризата. Тоа не е нешто што се подразбира само по себе, зашто пред преминот во 21. век Германија важеше за „болна“. Во 1998 година СПД и Зелените ја презедоа владата и ја донесоа реформската Агенда 2010. Пазарот на работна сила и социјалните системи беа реформирани. Во 2007 година, големата коалиција составена ов ЦДУ/ЦСУ и СПД го продолжи ваквиот курс со пензијата на 67 наместо на 65-годишна возраст. „Денес сме во толку добра позиција, меѓу другото, и поради тоа шти спроведовме реформи на пазарот на работна сила и реформи во социјалните системи“, констатира канцеларката Меркел. Социјалниот експерт Берт Рируп додава: „Нашата земја во послeдните 10 години стопански се пронајде себеси одново.“

BDI - SPD-Kanzlerkandidat Peer Steinbrück

Кандидатот на СПД за канцелар Штајнбрик со претседателот на БДИ Грило

Бројките, се чини, му даваат потврда на ваквиот став. Бројот на невработени во Германија, по Австрија, е најнизок во Европа (5,3 проценти во мај 2013). Германија има и добар пораст. Европската Комисија во својата пролетна прогноза за ЕУ предвиде намалување на порастот за 0,1%, додека за Германија се очекува зголемување од 0,1% во споредба со минатата година.

Финансиски инјекции во кризата

Сепак, од избивањето на финансиската, економската и должничката криза, политичката жар за реформи во Германија е значително намалена. Наместо тоа, во кризните години се одеше само на актуно ограничување на последиците од кризата. Но, и тоа придонесе Германија низ кризата да мине само со „едно помодрено око“.

Кандидатот на СПД за канцелар, Пер Штајнбрик, притоа полага многу на констатацијата дека социјалдемократите во владејачката коалиција со ЦДУ-ЦСУ на Меркел биле тие кои се погрижиле за финансиска поддршка. И општинската програма за инвестиции во инфраструктурата и регулирањето на работата со скратено работно време се иницирани од СПД, вели Штајнбрик.

Сојузната агенција за вработување даваше помош во траење од 18 месеци за претпријатијата да не мора да отпуштаат работници. Кога обртот се зголеми, производството можеше повторно да тргне под полна пареа. Без добро обучени стручњаци тоа немаше да биде можно. Досега меѓутоа не профитира само опозицијата од овие иницијативи. Добрата економска состојба во земјата најчесто и‘ се припишува на Меркел.

Поглед во иднината

Како натаму? Тоа зависи од личната перспектива. Ако во 1990-тите некој претприемач беше прашан за најитните проблеми за решавање, тогаш тој ќе ги наведеше придонесите на плати, даночните оптоварувања и бирократијата. Во 2013 година темата бирократија е останата. Околу платите и даноците се зборува многу помалку. Штајнбрик бара воведување минимална плата во земјата, Меркел тоа го одбива. Во преден план, меѓутоа, се наметнаа недостигот на стручњаци и цените на енергијата и суровините. И од аспект на политичарите овие проблеми се најголеми, но нив во кампањата ги нема многу.

Deutschland Fachkräfte

Без странски стручњаци не може

За селаните и избирачите, освен тоа, голема тема е праведноста. Даночните обврзници мораа да платат милијарди во кризата за спас на банките. Околу 80 проценти од парите од новите државни долгови отидоа за санација на финасискиот сектор. Пари кои не отидоа за граѓаните, за образование и инфраструктура. Кој ќе ги погледне градовите и општините, нема да мора да бара долго за да види пропаднати улици и училишни згради во лоша состојба.

Изборна тема - праведност

И во сферата на трудот се множат жалбите за недоволна праведност. Јазот во делот на платите е се‘ поголем. Според студија на Институтот за истражувања на Сојузната агенција за труд, секој четврти вработен во Германија и‘ припаѓа на групата вработени со ниски примања. Тоа значи дека се‘ поголем број луѓе не можат да излезат на крај само една работа, па мораат да работат паралелно на уште некое работно место или да добиваат финансиска поддршка од државата. Многу граѓани се на мислење дека претпријатијата треба да плаќаат толку, за секој оној кој работи со полно работно време да може од тоа и да живее.

850 Mitarbeiter streiken erstmalig bei Online-Versand Amazon

Се бараат повисоки плати - Вработени во фирмата за онлајн тргување Амазон во штрајк

„Претпријатијата треба да размислат дали сакаат да го ризикуваат социјалниот мир и со тоа својот добар имиџ на извозен партнер од доверба и лиферант“, опоменува кандидатт на СПД за канцелар Пер Штајнбрик.

Нова желба за реформи?

Стопанството ги сослушува ваквите опомени, но претседателот на БДИ Грило вели дека поголема праведност без економски успех не е можна. За тоа се неопходни нови структурни реформи. Ако не се инвестира масивно во образованието, инфраструктурата и изградба на мрежи, тогаш економскиот пораст во Германија значително ќе се намали. „Германија е урнек за Европа. Тоа можеме да останеме и натаму само ако правилно ги поставиме насоките!“

Поврзана содржина