1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Стопанскиот развој – клуч за проблемите

Коментар на Волтер фон Тизенхаузен

default

Германија ни годинава не ќе може да ги исполни критериумите од Пактот за стабилност, на кои таа се обврза со договорот од Маастрихт, а според сите предвидувања ни во наредната година нема да и‘ успее да го запре тој фатален тренд. Придржувањето кон тие критериуми, на пример за ограничување на новото задолжување на државите на максимум три проценти од годишниот национален буџет, е еден од предусловите за стабилност на заедничката европската валута. Со оглед на тоа дека не само Германија, туку и други земји на европската монетарна унија ги прекршуваат критериумите, еврото запаѓа во опасност. Во меѓународна конкуренција тоа уште сосем добро котира, но повеќе како резултат на слабоста на доларот, отколку на силата на заедничкото европско платежно средство.

Сојузниот министер за финансии Ханс Ајхел според предвидувањата годинава може да смета на десет милијарди евра пониски приходи во државната каса, отколку што се надеваше. Згора на ова, значително пониски ќе испаднат и приходите од амнестијата за даночните грешници и од добивката на Сојузната емисиона банка, а изостануваат и приходи од планираната патарина за товарни возила. Севкупно, во сојузната каса ќе фалат 15 до 17 милијарди евра. Министерот досега не сакаше да каже како ќе го компензира тоа, но исклучи зголемување на даноците или буџетска блокада. Останува, значи, само една смеса од натамошни заштеди, приватизација на имот на федерацијата и зголемување на новото задолжување. Ајхел сега се‘ уште не сака да поднесе ребаланс на буџетот, зашто, како што аргументира, тоа ќе имало смисла кога ќе се имало преглед врз натамошниот развој на ситуацијата во економијата. Секако не е сосем погрешна претпоставката дека тој момент ќе настапи дури откако ќе помине септемвриската серија на избори за покраински парламенти.

Клуч за сиве овие проблеми е стопанскиот развој. Се‘ додека трае стопанската стагнација, опаѓаат даночните приходи, а растат трошоците за невработените. Прогнозираниот стопански пораст за годинава од еден ипол процент е подобар од ништо, но сепак значително под вредноста што би имала дејство врз пазарот на работна сила. Контрола врз невработеноста, буџетската мизерија и врз заканата за слабеење на еврото може да се воспостави само ако моторот на економијата фати вистински залет.

Волтер фон Тизенхаузен