1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Стивна оружјето во Газа

Примирјето во појасот Газа се почитува. Во меѓувреме, продолжува повлекувањето на израелските трупи од палестинската територија. Сега ова примирје мора да стане долготрајно, порачаа европските лидери.

default

Израелските копнени сили се повлекуваат од Газа

Израелските копнени трупи уште во текот на ноќта почнаа да се повлекуваат од нивните позиции од појасот Газа. Во регионот веќе неколку часови е мирно и нема вести за престрелки или напади. Оружјето стивна откако прво Израел прогласи едностран прекин на огнот, а неколку часови потоа и Хамас објави примирје со барање израелските трупи да се повлечат од регионот во рок од една недела.

Израел соопшти дека сака што побрзо да се повлече од Газа, а според локалните медиуми што се повикуваат на неименувани армиски извори, целосното повлекување треба да биде завршено пред инаугурацијата на новиот американски претседател Барак Обама, којашто е закажана за утре.

Sharm el-Sheik - Ban Ki-moon, Merkel, Sarkozy

Меркел на минисамитот во Египет

Поддршка во борбата против шверц на оружје

Шесттемина европски лидери по минисамитот во Каиро, на кој се говореше за ситуацијата на Блискиот Исток, заминаа во Израел. Тие на израелските власти им ветија поддршка во напорите да се осигура дека Хамас повеќе нема да може да се снабдува со оружје.

„Сите сме согласни дека не смее да се дозволи да има шверц на оружје по каков било пат, поради што треба да се осигураат границите. Германија е подготвена да помогне онаму каде што треба“, рече германската канцеларка Ангела Меркел, која е во регионот. Таа додаде дека Израел има право да живее во мир, а не под постојана закана. И францускиот претседател Никола Саркози, како и останатите европски лидери, му вети на Израел техничка и логистичка поддршка во справувањето со шверцот на оружје во Газа.

Gaza Angriffe Israel

Допрва ќе се проценуваат штетите од израелската офанзива во Газа

Израелските медиуми денеска пишуваат дека ниту еден од европските претставници не го критикувал Израел за големиот број цивилни жртви кои ги остави израелската офанзива во Газа. Меркел, Саркози како и британскиот премиер Гордон Браун, нагласија дека по примирјето треба да следат преговори за изнаоѓање на трајно мировно решение.

„Веруваме дека трите недели трагедија мора да бидат проследени со траен мировен договор“, рече Браун.

Уништени се голем број куќи во Газа

Голем број луѓе во појасот Газа во текот на вчерашниот ден беа да видат што е останато од нивните разорени куќи и домови. Спасувачките екипи почнаа да откопуваат луѓе од под урнатините. Во бегалскиот камп „Џабалија“ под разурнатите објекти се пронајдени 95 тела, пишува весникот „Хаарец“, повикувајќи се на палестински извори. Според досегашната статистика, во 22-дневната израелска офанзива загинаа над 1.300 лица, а 5.300 се повредени.