1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Стејт департмент: Спорот за името е постојана тема со Грција и Македонија

Стејт департментот молчи пред посетата на американскиот помошник државен секретар Викторија Нуланд на Грција. Експертите бараат конечен предлог од посредникот на Обединетите Нации Метју Нимиц во спорот за името.

По посетата на шефот на грчката дипломатија Евангелос Венизелос на Вашингтон, а во пресрет на посетата на американскиот помошник државен секретар Викторија Нуланд на Атина, во Стејт департментот не сакаат да кажат колку високо на агендата ќе котира спорот за името.

Џонатан Мур, директор на канцеларијата за балканските земји во Стејт департментот, вели дека САД постојано го имаат ова прашање предвид во своите билатерални односи со Грција.

„Ние имаме блиски односи со Македонија и сакаме да ја видиме во ЕУ и во НАТО. За Викторија Нуланд, што точно ќе се разговара кога ќе патува во Грција, тоа зависи од тоа како средбите ќе се одвиваат. Прашањето на Македонија секогаш е пред нас и се отвора честопати билатерално со Грција, на сите нивоа со американската влада. Сметаме дека мора да има решение, тоа е потребно за Македонија да може да оди напред. Не сакам да најавувам за што ќе се разговара на овие средби, но тоа е постојано суштинско прашање во нашите билатерални односи, како со Грција, така и со Македонија“, изјави Мур, кој не сакаше да даде повеќе детали ниту за посетата на заменикот помошник државен секретар Хојт Ји на Македонија, велејќи дека се‘ уште немал можност да се консултира со него по посетата. Нуланд, која е во Германија за Минхенската безбедносна конференција, ќе ги посети Атина и Кипар на 2. и 4. февруари.

Мур вчера ги претставуваше американските приоритети за Западниот Балкан на конференција во Вашингтон. Прашан за неговите очекувања, дали грчкото претседавање со Европската унија е можност да се направи обид за деблокирање на спорот за името, Мур одговори дека зборуваат со Грција како и со сите претседавачи на ЕУ за тоа што може да се направи за проширувањето.

„Секако зборуваме со Грција, како и со сите претседавачи на Еворопската унија, за тоа што може да се направи за проширувањето, не само за Македонија, туку и за другите земји - аспиранти. Точно е дека честопати земјите кои претседаваат со ЕУ работат на иницијативи кои можат да се реализираат. Литванија стори многу во своето претседавање, се надеваме дека и Грција ќе помогне Унијата да оди напред во овој поглед“.

Многу поконкретен беше Едвард Џозеф, поранешниот директор на Меѓународната кризна група за Македонија во времето на воениот судир во 2001. година, кој заедно со Мур беше главен говорник на вчерашната (31.01)конференција.

Џозеф оцени дека е неверојатно тоа што меѓународната заедница се‘ уште мора да се занимава со прашањето за името на Македонија и дека Грција мора да ги почитува обврските од Времената спогодба.

„Неприфатливо е што ова прашање се‘ уште е на меѓународната агенда. Секој што го погледнал ова прашање знае дека се работи за најбесмислениот проблем во светот. Дотолку повеќе што во 2011. година Меѓународниот суд на правдата во Хаг имаше многу јасна пресуда по ова прашање, велејќи дека една од двете страни јасно ги прекршила своите обврски кон другата страна, дека Грција го блокира веќе заслуженото напредување на Македонија како членка на НАТО и веќе заслуженото напредување на Македонија за отворање на преговорите со Европската унија“, изјави Џозеф.

Според него, поради грчкото одбивање сериозно да разговара за спорот, решението е во заеднички ангажман на САД и на Европската унија, кои преку посредникот во разговорите, Метју Нимиц, би ги ставиле двете земји пред конечен предлог.

„Пристапот кон проблемот е многу едноставен. За Грција, никогаш не е добро време да се реши - или имаат избори, или штотуку имале избори, или се во економска криза, или се многу силни бидејќи веќе не се во криза… Никогаш, никогаш не е добро време за нив, освен кога имаше криза во Македонија која се закануваше да му наштети на Охридскиот рамковен договор. Сите што следат знаат дека состојбата во Грција економски се‘ уште е многу лоша, акутна, но не е толку лоша колку што беше. Самата Атина пред Тројката инсистира дека најлошото поминало и има позитивен раст. Затоа паничниот аргумент со кој бараат да не се допира ова прашање веќе не поминува. Патот напред е многу едноставен, преговарачот на Обединетите нации да подготви конечен предлог, Вашингтон да се консултира со клучните сојузници и да каже, што е многу, многу е, мораме да го решиме овој проблем. И на двете страни ќе им каже што ќе им се случи ако не го прифатат предлогот“, повика Џозеф.