1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Стејт департмент: Остри критики за македонската влада

Во извештајот на Стејт департментот за почитување на човековите права, македонската влада е критикувана за недоволно почитување на правото. Конкретно се наведени случаите со новинарот Кежаровски и политичарот Шиповиќ.

Судските процеси против новинарот Томислав Кежаровски, осуден за издавање на името на заштитен сведок, и претседавачот на Советот на општина Центар Мирослав Шиповиќ, кој е обвинет за финансиски криминал, се наведени како примери кои САД ги набљудуваат, во новиот извештај за почитувањето на човековите права во Македонија.

Во извештајот на Стејт департментот, кој се однесува на состојбата во сите држави во светот во текот на 2013 година, се наведува дека случајот на Кежаровски довел до меѓународни критики за селективна примена на правдата и мешање во судството, кои се посочени како главни проблеми за Македонија.

„На 21. октомври судот го осуди новинарот Томислав Кежаровски за откривање на идентитетот на заштитен сведок во текст кој го објави во 2008. година, и му изрече чеитир и пол годишна затворска казна, што е прв случај на осуда на новинар за неговото известување на суд. Кежаровски беше држен во продолжен притвор од 28 мај. Долгиот притвор и високата казна, која повеќе локални и меѓународни аналитичари ја оценија како претерана, предизвика силна критика од претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите Дуња Мијатовиќ, Европската федерација на новинари, локални политички лидери, невладини организации и новинарски здруженија, пишува во делот од извештајот кој се однесува на состојбата во Македонија“. Во делот за Шиповиќ, извештајот наведува дека постои можност да се наруши опозициското мнозинство во Советот на општина Центар, која се наведува како политички важна и значајна како извор на приходи.

Изештајот традиционално се осврнува на состојбата со затворите во Македонија кои се оценети како полни над нивниот капацитет, и на бројот на случаи во кои полицијата била обвинета дека ги прекорачила своите овластувања и употребила прекумерна сила. Наведено е и дека полицијта не дозволил протест на група новинари пред Музејот на македонската борба, по изрекувањето на судската казна на Кежаровски.

Извештајот наведува дека како последица на заканите од Европската унија за враќање на визниот режим доколку не се намали бројот на македонски граѓани кои бараат азил во Европската унија, биле воведени мерки како што е медиумска кампања за спречување на „лажните азиланти“ и проверка на граничните премини и во туристичките агенции кои може да ги организираат нивните патувања.

Proteste der Journalisten 23.10.2013 in Skopje

Новинарите беа спречени во протестот по повод случајот Кежаровски

Поради тоа, Стејт департментот проценува дека над 8.000 лица, главно Роми, биле попречени во излегувањето од Македонија. Во извештајот се додава дека Ромите во Македонија воопшто продолжуваат да се соочуваат со дискриминација во општеството, преку отежнат пристап до работни места, или преку запишување на висок процент ромски деца во одделенија за деца со специјални потреби.

Како последица од конфликтот во 2001. година, извештајот наведува дека 355 лица се‘ уште се водат како внатрешно расселени, а од нив 119 се‘ уште живеат во колективни центри. Што се однесува до бегалците од конфликтот во Косово, кои се сместени во Македонија, се наведува дека само 29 од над 2.200 вакви лица се вратиле во Косово во текот на годината.

Втора година по ред извештајот содржи критики за лустрацијата, односно за отворањето на полициските досиеа на јавните службеници кои вршеле политички прогон на граѓани. Извештајот наведува дека ревизија, спроведена од Хелсиншкиот комитет на Македонија покажала дека една третина од досега лустрираните 90 функционери кои кршеле човекови права и самите биле жртви на тајните служби во минатото.

Од соседните земји, во извештајот за Грција се наведува дека оваа земја продолжува со негирањето на постоењето на македонска заедница на северот на земјата, како и да го спречува отворањето на Дом на македонската култура во градот Лерин.

„Мала група граѓани се идентификуваат како Македонци, што предизвикува силни реакции кај другите граѓани. Овие поединци тврдат дека грчката Влада продолжува со долгата политика на обесхрабрување од употребат на нивниот јазик. Владини функционери и судовите ги одбиваат барањата на словенските групи кои го користат името Македонци за да се самоидентификуваат, со тврдење дека и 2,2 милиони етнички грчки граѓани исто така го користат изразот Македонци за да се самоидентификуваат“, пишува во изештајот за Грција.

Извештајот беше претставен од државниот секретар на САД Џон Кери, кој порача дека 2013. година била исклучително тешка година за почитувањето на човековите права во светот.