1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Стејт департментот со остри оценки за Македонија

Стејт департментот го објави Извештајот за праксата за почитување на човековите права, во кој се содржани бројни забелешки за состојбите во Македонија.

Извештајот за праксата за почитувањето на човековите права на американскиот Стејт департмент за 2012 година содржи забелешки за македонската полиција, пред се’ за случајот Нешковски, потоа за владењето на правото и почитувањето на собраниските процедури, за состојбата во медумите, условите во македонските затвори, статусот на Ромите во оштеството, и други области.

Според извештајот, со кој Стејт департментот годишно ја следи состојбата во државите низ светот, за Македонија најсериозните забелешки се во областа на владеењето на правото, преку прекршувањето на собраниските процедури во случајот со инцидентот во Собранието на 24 декември. Извештајот наведува дека владејачкото мнозинство прескокнало неколку чекори од процедурата за гласање на буџетот, по што опозициските пратеници физички ја блокирале говорницата на спикерот и биле отстранети од собраниското обезбедување заедно со новинарите од галеријата. Стејт департментот додава дека, по опозицискиот бојкот што следеше, Собранието изгласало неколку други контроверзни законски решенија.

Skopje 2014 Gebäude der Regierung

На владата и’ се забележува дека е најголем огласувач во земјата и дека на тој начин врши финансиски притисок врз медиумите

Во сферата на медиумите, извештајот го наведува затворањето на телевизијата А2 поради неисполнувањето на потребните услови за работа согласно Советот за радиодифузија, оставката на главниот уредник на весникот Дневник и собраниските настани од 24 декември.

„Многу ограничен број на независни медиумски гласови беа активни и изразуваа различни погледи без ограничување, посебно преку онлајн објави. Медиумите и известувањето продолжија да бидат поделени по етнички и политички линии. Владата беше најголем огласувач во земјата и фаворизираше изданија и новинари кои ги смета за пријателски. Советот за радиодифузија исто така ги промени регулативите кои ги покриваат ограничувањата на приходите за Македонската радио и телевизија за да и‘ дозволи повеќе рекламни минути за време на ударните термини за разлика од другите изданија“, стои во извештајот на Стејт департментот, во кој натаму се наведува:

„Некои новинари информираа дека се присилувани да известуваат од провладина гледна точка, а во спротивно ќе ја загубат работата. Како најголем закупувач на реклами, владата исто така употреби финансиски притисок за да принуди на известување во рамки на владините линии“.

Стејт департментот забележува дека „има извештаи дека владата вршела притисок врз медиумите и принудувала новинари да практикуваат самоцензура. Новинарите информираат за голема самоцензура кога се известува за прашања чувствителни за владата“.

Symbolbild Pressefreiheit in Georgien

Новинарите кои ќе одбијат да известуваат во насока на владините политики се соочуваат со губење на работното место

Стејт департментот оценува дека во работата на полициските сили е присутно чувство на самоволие, наведувајќи го убиството на Мартин Нешковски, кое беше централна забелешка на минатогодишниот извештај. Стејт департментот нотира дека полицаецот кој го изврши убиството на Нешковски бил осуден на 14 години затвор.

Зеја Узра, помошник државен секретар во Стејт департментот за демократија, човекови прашања и труд, вчера на брифингот за претставување на извештаите, коментираше дека изоставувањето на прашањето за амнестијата за воените злосторства од извештајот е поради тоа што фокусот во извештајот за Македонија бил на прашањата на владеењето на правото, собраниските процедури, медиумите и судството. Таа најави помош од четири милиони долари за засилување на судските и полициските институции и градење на граѓанската свест за прашања од областа на владеењето на правото.

Инаку, извештајот за Македонија го следи текот или разврската на неколку позначајни судски процеси, како тие против Владо Бучковски, Васил Тупурковски и Љубе Бошкоски, за кого се наведува дека е обвинет за ново дело, двојно убиство во 2002 година. Во извештајот се наведува дека извори блиски на Бошкоски тврдат дека ова е политички мотивиран процес против него. Во извештајот се наведуваат и тврдења на одреден број претставници на судските власти дека Владата врши притисок врз нив, преку буџетските средства за судството.