1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Стејт департментот бара Скопје и Приштина да разговараат за границата

Вашингтон очекува Македонија да го признае Косово, но не дава временска рамка за такво нешто

default

Македонија и Косово преку дијалог треба да го решат проблемот со границата, порачаа од американскиот Стејт Департмент. Скопје и Приштина веќе неколку недели си ја префрлаат топката од едниот во другиот двор. Македонија бара Косово прво да ја признае граничната линија меѓу двете земји, па потоа да биде признаена независноста на новата држава. Очекувањата во Приштина се спротивни.

Портпаролот на Стејт департментот, Том Кејси, вчера на новинарско прашање во врска со спорот изрази увереност дека проблемот може да се реши на мирен начин: „Што се однесува до сите актуелни спорови меѓу Косово и Македонија или кои било други земји, ние ги охрабруваме да ги решат овие прашања мирно и низ меѓусебни разговори. Јас сум убеден дека во овој случај тоа ќе се случи“, рече Кејси.

Тој изјави дека од Македонија се очекува да го признае Косово, но одби да даде временска рамка за таквата одлука: „Што се однесува до тоа како другите земји одлучуваат во врска со тајмингот на нивното признавање на Косово, тоа им го оставаме ним, но секако би сакале сите земји тоа да го сторат“, изјави портпаролот на Стејт департментот.

Демаркацијата е работа на косовската влада или на администрацијата на меѓународната заедница?

Косовските власти никогаш не го признаа договорот за одбележување на границата потпишан меѓу Македонија и СР Југославија во 2001 година, инсистирајќи дека дел од границата за нив е спорна. Според условите во планот на Ахтисари под кои Косово ја прогласи својата независност, демаркацијата на границата е еден од предусловите кои треба да се исполнат во точно утврдени временски рокови. Македонскиот претседател Бранко Црвенковски деновиве и‘ сугерираше на Владата наместо до косовските власти, за решавањето на овој проблем да се обрати до меѓународната заедница која дефакто сеуште ја администрира поранешната српска покраина.