1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Стереотипи за исламот во европските учебници

Реномираниот експерт за веронаука Гердиен Јонкер го критикува стереотипното претставување на муслиманите во европските учебници. Таа се обидува нешто да промени преку проектот „1001 идеја“.

default

Веб-страницата на проектот „1001 идеја“

„1001 идеја“ е проект на Институтот Георг-Екер од Брауншвајг, во кој соработуваа над 60 стручњаци, собирајќи материјал од различни области - историја, култура на младите, религија, соживот и спорт од сите делови во светот. Добиените информации треба да помогнат за тоа - во наставата за муслиманската култура и историја во училиштата, во различни класови да добие пристап и поинаквиот поглед на темите.

Раководител на проектот е експертот за наука на религиите, Холанѓанката Гердиен Јонкер:

„Намерата ни‘ е да им укажеме на младите дека нивните врсници на другата страна на светот ги имаат истите секојдневни проблеми како и тие. Дека овдешните и тамошните уметници можат да разменуваат искуства. Кога во своите класови ќе дојдат во контакт со ученици од други школски системи, на пример арапскиот, сакаме на наставниците и професорите да им понудиме предзнаења за да можат да одговорат на очекувањата на децата и родителите.“

Срамен пристап кон темата „ислам“

Институтот веќе соработува со факултетите низ цела Европа, како и со семинарите за натамошна обука на професорите и наставниците. Интернет понудата е на англиски и германски јазик. Реакциите на професорите се позитивни, тврди Јонкер. Поголемиот дел од нив е благодарен за ваквата помош. Темата „ислам“ во досегашните наставни програми во европските земји е страшно запоставена, и тоа уште од 17 век:

„Тогаш се‘ уште стануваше збор за христијанската

Islam Religionsunterricht, Deutsche Islam-Konferenz

Наставниците имаат потреба од помош за темата исламска религија

приказна, христијаните правеле тоа и тоа, и тука беше границата. Исламот не беше нешто наше, тој беше третиран преку неговото распространување, нападот врз Европа и во контекст на крстоносните војни, значи, пораката беше - мораме да се браниме.“

Во 19 век на крстоносните војни им биле посветени по 60, 70 страници во учебниците со што било засилено, или создадено чувството за загрозеност од исламот. Во меѓувреме, темата е квантитативно редуцирана, но основниот тон останува. Доселувањето на муслиманските гастарбајтери и терористичките напади од 11 септември одново го засилија чувството на закана. Во одделни точки има вистина, смета Јонкер:

„Но, во учебниците на само неколку страници да се стави она што треба да значи целото знаење за муслиманите, според нас е катастрофално. Тоа не е начин на однесување кон другите луѓе, иако е точно дека постојат повеќе вистини.“

Професорите се задоволни

Професорите се во незавидна положба поради недостатоците и недоволниот третман на темата „ислам“ во учебниците, па намерата на проектот „1001 идеја“ е да им се помогне. Нема податоци за одзивот кај учениците. Но, нема сомнеж дека и кај учениците ќе биде поттикнато меѓусебно разбирање кога ќе сознаат дека и покрај разликите, имаат и многу заеднички нешта. На пример, дека и Либанците, исто како и Германците, избираат супер звезда преку телевизиско шоу.

Aвтор: Петер Филип / Жана Ацеска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска