1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Статус- кво во Бундеслига

Три екипи од дното успеаја да откачат по бод во дуели со водечките во лигата, само една победа за домаќините - тоа се основните карактеристики на 26-тото коло

default

Од натпреварот Нирнберг- Баерн

Лидерот во првенството Баерн Минхен освои само бод на гостувањето кај Нирнберг, но и со тоа направи уште еден чекор кон освојување на титулата, оти на рака му одеа резултатите на неговите конкуренти.


„Денеска имавме многумина заморени играчи на теренот. Имав чувство дека на натпреварот на репрезентацијата трчаа премногу, оти секој сакаше да се кандидира за Европското првенство, па денеска ги видовме последиците - дека играчите не можеа да фатат ритам“ - се пожали тренерот на Баерн Отмар Хицфелд по нерешениот резултат 1 : 1 во Нирнберг.

Домашниот тренер Томас фон Хезен и натаму ја чека првата победа со својот нов тим, а, смета, таа му беше на дофат:


„Имавме ситуација токму како што посакувавме - ние да водиме и кон крајот на натпреварот да сочекуваме можност за контранапади. За жал, не успеавме да направиме водство со 2 :0“.

Лукас Подолски во финишот спаси бод за Баерн. Тој како конечно да ја надмина кризата, оти и во настапот на репрезентацијата на Германија против Швајцарија постигна еден, а учествуваше во подготовката на уште два гола.


Пропуштена шанса


Хамбургер имаше шанса со бодови да му се доближи на Баерн, но дома одигра нерешено 1 спрема 1 со Арминија Билефелд, екипа од кругот на најзагрозените за испаѓање од Бундеслигата.


„Реален сум - ако играш со 10 играчи поради недисциплината на Jаролим, а потоа уште и примиш гол, тогаш секако мораш да биде задоволен со еден освоен бод“ - вели тренерот на Хамбургер Хуб Стевенс.

Јаролим беше исклучен во 66-тата минута, а на пет минути пред крајот беше воспоставена рамнотежа, откако и играчот на Арминија Јерг Беме исто така мораше да го напушти теренот поради втор жолт картон. Хамбургер е непоразен веќе 12 кола.

Баерн сега има 54 бодови, Хамбургер остана на 7 бодови зад него. На трета позиција е Шалке со 45 бодови, два помалку од Хамбургер, иако и томот од Гелзенкирхен не постигна повеќе од нерешен резултат 0 спрема 0 на гостувањето во Карлсруе.


„Моравме како тим да играме подобро во нападот. Како што тимски работиме добро во одбраната и се обидуваме на другите екипи да им дадеме што е можно помалку шанси, исто така би морале да играме и во нападот“ - смета голгетерот на Шалке Кевин Курањи.

Тренерот Мирко Сломка не е разочаран:


„Понекогаш мора да се биде задоволен и со бод. Понекогаш на вакви натпревари слепо трчавме напред, сакајќи безусловно да победиме, па ни се случуваше спротивното. Овој пат, фала Богу, тоа не ни се случи“.

Од лошо има и бетер - тоа им се случи на Баер Леверкузен и на Вердер. Обете екипи се поразени дома и останаа на по 44 бодови, еден помалку од третопласираниот Шалке.

Ако е воопшто за утеха, Баер загуби од втората најуспешна екипа во пролетниот дел Ајнтрахт Франкфурт, при што првиот од двата гола уште беше и автогол на напаѓачот Кислинг, кој се најде во погрешно време на погрешнио место. Иако Ајнтрахт дојде на седмо место и се доближи на само два бода до Баер и Вердер, тренерот Фридхелм Функе и натаму останува на целта за освојување 45 бодови.


„Треба да загубиме само еден-два натпревара па ќе се вели - сакавте да се пласирате за Купот на УЕФА, или да го постигнете ова или она. Не, дури кога ние ќе имаме 45 бодови, ќе можеме да зборуваме за тоа што можеме да си поставиме како наредна цел“.


Вердер и натаму без победа


Вердер е во криза - веќе 4 натпревари не знае за победа. Едно време имаше ист број бодови со водечкиот Баерн, сега заостанува зад лидерот 13 бодови и се надвиснува голем знак прашалник над амбицијата за учество во Лигата на шампионите.

Штутгарт одигра нерешено 0 спрема 0 во Хановер и е шести со 42 бода, колку и седмопласираниот Ајнтрахт.


„По натпреварот морам да кажам дека сум задоволен со резултатот. Имавме неколку дпбри можности, но ни недостасуваше конечната консеквентност“ - вели тренерот на Штутгарт Армин Фе. Но, и домаќинот исто така смета дека шансите биле на негова страна. Тренерот Дитер Хекинг:


„За жал, немавме среќа на ваков натпревар да оствариме 1 спема 0, па мораме да се помириме со 0 спрема 0“.

На осмо место се искачи Волфсбург по победата со 1 спрема 0 во петокот навечер на гости кај Ханза во Росток. 20-те бодови на Волфсбург освоени во 9-те кола од пролетниот дел се еднаквина целокупниот негов есенски биланс и е најуспешен тим во овој дел на првенството. Плодовите на работата на Феликс Магат, кој е истовремено тренер, спортски директор и раководител на клубот, доаѓаат до израз.

Карлсруе е на 9-тото место со 38 бодови, Хановер 10-ти со 35. Бохум и Борусија Дортмунд понудија претстава со многу голови и резултатски пресврти, на крајот 3 спрема 3 е праведен исход. Бохум е 11-ти со 33 бодови, Херта по поразот од Енерги во Котбус 12-та со 32 бода, а зад неа е Борусија со 31.


„Повторно имавме голем притисок. Бевме последни на табелата, само победа можеше да ни значи нешто. Сега веднаш ќе започнеме пак да сметаме каде се нашите шанси во наредниот натпревар“ - ја отсликува незавидната положба на својот тим тренерот на Енерги Бојан Прашникар. Неговиот колега од Херта Лисиен Фавр не го мачи борба за опстанок, туку една дилема:


„Незаслужено сме победени, како и против Шалке, но мораме да се прашаме: зошто не играме лошо, па сепак губиме?“

Дното на табелата започнува со 14-то пласираната Ханза Росток, која има 24 бодови и веќе се најде во борба за опстанок, оти Енерги зад неа има 23, Дуизбург и Арминија по 22, а последнопласираниот Нирнберг 20 бодови. Од Бундеслигата, да потсетиме, испаѓаат три екипи.


Олимпискиот пламен пристигна во Пекинг


Вака беше изутрината во Пекинг, кога во кинескиот главен град со авион пристигна олимпискиот пламен, а претседателот Ху Џинтао даде знак за старт на најдолгиот пат на олимпискиот факел досега. На плоштадот Тјенанмен се одржа свеченост со богатство од бои, со настап на циркуски акробати, со народни танци и изведба на пекиншката опера. Церемонијата во Пекинг се одржа под строги мерки за безбедност со присуство на само 5 илјади поканети гости.

Олимпискиот пламен беше запален пред една недела во античката Олимпија во Грција. Вчера на свеченост во Атина го презема шефот на кинескиот организационен комитет на игрите Лиу Ќи. Претседателот Ху Џинтао му го предаде факелот на првиот носач, олимпискиот победник во трчање со пречки Лиу Хсианг. факелот вкупно ќе го носат 21-на илјада луѓе, од кои 19 илјади само во Кина.

Првата етапа од 130-дневното штафетно трчање со олимпискиот факел в рака води кон Алмати, главен град на Казахстан. Патот на хармонијата, како што Кинезите го нарекоа патот по кој ќе помине олимпискиот пламен пред да стигне на свеченото отворање на игрите во Пекинг, ќе биде долг 137 илјади километри и ќе минува низ 134 градови од 19 земји на пет континенти. Пламенот во мај треба да биде искачен и на највисокиот врв во светот Монт Еверест.

►◄