1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Стар, сиромашен, странец

Ризикот од сиромаштија кај странците или Германците со мигрантско потекло е голем. Секој четврт доселеник мора да излезе на крај со само 60% од просечниот приход во земјата.

Понеделник и петок се посебни денови за Хади Камисли, Матилде Шмит, Косан Исмед и многумина други членови на Здружението за меѓународни пријателства, кои два пати неделно се среќаваат во просториите на клубот за сениори во Нордштат, во Дортмунд. Тие заедно пеат, жените шијат, плетат, а мажите играат игри, притоа пиејќи чај и јадејќи колачи. Раскажуваат за старите времиња или за проблемите кои со себе ги носи староста. Притоа, имаат чувство на солидарност и заедништво, кое често го немаат доволно во секојдневието со Германците без мигрантско потекло.

Солидарност и самоиницијативност

Косан Исмед во 1987 година бил еден од основачите на здружението, кое има добиено повеќе награди за својот ангажман. Косан Исмед е Курд кој во својата татковина одел само пет години на училиште. Семејството му било сиромашно и морал да замине во странство, во Дортмунд, каде бил еден од десетиците илјади работници во челичната индустрија, кои покрај печките на Хеш АГ придонесуваа за германското економско чудо. Неговите турски колеги тогаш велеле дека муслиманските жени не треба да работат. Но Исмед дозволил неговата сопруга исто така да заработува. „Таа чистеше 25 години во старечки дом“, вели пензионерот на лош германски и тоа не без гордост. Во тоа време парот сметал дека со две плати подобро ќе ги израсне петте деца. Денес е среќен поради тоа, зашто сега можат да живеат од пензиите.

Altersarmut bei Migranten Kosan Ismed

Косан Исмед

Неговата сосетка, вели Исмед, добива пари од службата за социјална помош, сама е и нема пари ниту да се врати назад за Турција, кадешто животот е поевтин. Исмед сега сака да остане уште 10-15 години во Германија, а потоа да се врати во старата татковина. За одлуката да остане во Германија не жали во никој случај: „Имаме демократија и служба за социјална помош. Сите луѓе овде живеат добро.“

На такво мислење е и Софија Олшевска. Таа ги загубила сите свои права на пензија кога пред 22 години од Чернобил имигрирала во Дортмунд. Во Украина работела како главна сестра и физиотерапевт, но како и многумина нејзини сонародници, се плашела дека може да заболи од рак по нукеларната катастрофа. Сакала да работи во Германија, но не нашла ништо. Во меѓувреме има германско државјанство и живее скромно од парите што ги добива од државата: „Имам стан, топло е и имаме за јадење. Добро ни е.“ Во знак на благодарност таа во здружението бесплатно води курсеви по гимнастика, вежби за релаксирање и масажи: „Се радувам што има вакво здружение во Дортмунд. Имаме многу добар меѓусебен однос.“

Носталгија по Германија

Хади Камисли живее во Дортмунд веќе 33 години. Како дете им се приклучил на родителите кои нашле работа во Германија. Камисли е дел од таканаречената втора генерација гастарбајтери: „Во тоа време никој не мислеше на пензија, се велеше дека е подобро да се штеди за да се има.“ Така правел и татко му. Од заштеденото купил куќа во Турција, но семејството не се вратило таму. Мајка му бргу сфатила дека Германија и‘ станала татковина, вели Хади Маисли: „Порано беше нормално да ги поддржуваат роднините во Турција кои немаа пари, но тоа денес веќе не се прави. Мора да мислиме на себе и да штедиме за нас.“

Altersarmut bei Migranten Hadi Kamisli

Хади Камисли

Мора да се создаваат резерви за на старост, зашто пензијата е половина од платата и тоа не е доволно за живот. Сепак, многумина турски доселеници не им веруваа на германските службеници во Фондот за пензиско осигурување и на осигурителните компании. Освен тоа, доселениците често не располагаат со важни информации, затоа што тие главно се достапни само на германски јазик.

„Здружението има за цел да ги информира и советува сите членови навреме“, вели претседателката на здружението Викторија Валц, која редовно носи експерти за да реферираат за теми како превенција, здрава исхрана и негување на стари лица. Членовите на здружението имаат и брошура со сите важни информации за и околу здравствениот систем, со правни и организаторски препораки. Во брошурата има листа со имињата на лекарите во Дортмунд кои знаат странски јазик, како и едноставни одговори на прашањата за нега, лекови, полномоштва...