1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Стартува 56 -то издание на Берлинале

Денеска во Берлин ќе биде свечено отворено 56-то издание на меѓународниот филмски фестивал, популарно наречен Берлинале.

default

На различните програми на фестивалот ќе бидат претставени дури 360 филмови од 56 земји . Германија притоа, е извонредно застапена со дури четири филмови во официјалната конкуренција за наградите- Златната и Сребрената Мечка. Но Берлиналето традиционално нуди и можност за средба со суперзвездите на светскиот филм . Овојпат на Берлиналето ќе може да се видат: Џорџ Клуни , Мерил Стрип, Изабел Убер, Сигурни Вивер, Изабела Роселини, Клод Шаброл и многу други.

Од 26 земји што учествуваат во официјалната конкуренција за Златната и за Сребрената мечка ќе се натпреваруваат 19. Многу од овие филмови се занимаваат со животот далеку од сјајот и гламурот – констатира директорот на берлиналето, Дитер Кослик:

„Филмовите што ќе бидат прикажани на овогодинешниот фестивал и тоа колку што гледам во сите селекции , речиси без исклучок се многу политички обоени и блиски до реалноста . Имам чуство дека токму поради тоа оваа година имаме мал број документарни филмови. Тоа значи дека овој фестивал е близок до реалноста , свртен повеќе кон проблемите на луѓето , а помалку кон фантазијата “

Така на пример британскиот режисер Мајкл Винтерботом во својата документарна драма „Патот за Гвантанамо“ ја раскажува судбината на тројца британски муслимани што по грешка биле уапсени под сомневање дека се Талибанци и биле одведени во озлогласениот американски затвор во Гвантанамо на Куба.

Германските филмски творци на Берлиналето се застапени на високо креативно ниво . Тоа започнува во официјалната натпреварувачка конкуренција , каде што се натпреваруваат дури четворица германски режисери: Оскар Релерерс со филмот снимен според романот „Елементар Таилхен“ , Ханс Кристијан Шмид со Реквием , Матијас Гласнер со филмот „Дер Фрае виле“ и Валеска Гризебах со љубовната приказна „Зензухт“

Германските филмови меѓутоа оваа година се застапени во сите секции на Берлиналето, од форумот на филмови на млади режисери , преку панорамата па се до фестивалот за детски филм.

Уметнички гледано, најдобра година досега – оцени директорот на програмата „Перспективи на германскиот Филм“, Алфред Холигхаус.

Со оглед на тоа што годинава во Германија ќе се одржи Светското првенство во фудбал, не зачудува што оваа тема е застапена во речиси сите селекции на годинешниот фестивал, вели директорот на Берлиналето Кослик:

„ Дури и во главната кокнуренција се најде еден филм за фудбалот, од иранска продукција. Станува збор за приказна за натпреварот меѓу Бахреин и Иран, по кој Иран се пласираше на Светското Првенство. Нормално тоа е само заднината на филмот, а во суштината станува збор за тоа дека на жените не им е дозволено да одат на стадион во Иран. Во филмот се рзавива дијалог што ја расветлува општествено политичката состојба “

Од Источна и Централна Европа на Берлиналето доаѓаат неколку филмови и тоа од Босна, Романија , Украина и Полска. Од азискиот филм Кина се претставува со најмногу филмови.

Берлиналето денеска ќе биде отворено со филмот од британско-канадска продукција Сноу Кејк , со Алан Рукман и Сигруни Вивер во главните улоги:

„Филмот што ќе го отвори фестивалот како и многу други вакви филмови е филм на актери. Се работи за една мала но голема приказна , во која луѓето се обидуваат да излезат од изолација, за да се доближат едни кон други. Филмот нуди навистина добри чуства“- објаснува директорот Кослик

На крајот на фестивалот на 18 февруари ќе биде прикажан вестернот Пит Гарети хантс Били Д Кид од Сем Пекинпо . Златната и Сребрената мечка ќе бидат доделени истиот ден на свечена церемонија.