1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Стартува граѓанската иницијатива во Европа

Има ли некоја тема која би требало итно да биде регулирана од страна на ЕУ, а за тоа никој не се грижи? Од денеска (01.04) можете работите да ги земете во свои раце-со Европската граѓанска иницијатива.

Ако сакате да промените нешто во Европа, потребни ви се истомисленици со право на глас од најмалку шест други земји на ЕУ. Заедно се основа граѓански одбор, кој потоа се регистрира во Европската комисија. Комисијата е единствена што на европско ниво има право на иницијативи за законски предлози, за кои потоа се одлучува од страна на Европскиот парламент и Европскиот совет.

Мали правни „дупки“

Пред да се поднесе барање, се препорачува проверка на правните рамки. Граѓанска иницијатива е можна само ако Брисел е и вистинскиот партнер за разговор. Некои случаи се недвосмислени - за прашања на царинска унија или надворешно-трговско работење е надлежна ЕУ, за образовни прашања се надлежни одделните земји членки. Понекогаш, меѓутоа, компетенциите се многу комплицирано поделени. На пример, забраната за пушење е регулирана на национално ниво, а забраната за рекламирање цигари ја спроведува ЕУ на европско ниво.

Ако не иницирате носење нов закон, туку само сакате да се пожалите на некои деформации, постои и можност за петиција и жалба кај ополномоштеник надлежен за тоа.

Мали буџетски стапици

Следен чекор е да се наведат вам веќе познатите извори на финансирање, во секој случај спонзорите кои ја поддржуваат иницијативата со повеќе од 500 евра годишно. На крајот, потребни се еден милион потписи, вклучително и адреси на потписниците. За такво нешто, околу илјада активисти би требало во рок од една година да убедуваат по илјада граѓани на ЕУ, што значи околу тројца дневно. Тоа чини многу персонал, многу време и со тоа и - многу пари! Без спонзори, значи, тешко дека ќе биде постигната целта.

Мали дупки во заштитата на податоци

Ако се исполнети сите предуслови, вашата иницијатива се регистрира од страна на Европската комисија. Може да се почне со собирање податоци на граѓаните кои ја поддржуваат иницијативата - име, адреса, датум на раѓање и државјанство. Тоа може да се прави на хартија или онлајн. Во двата случаи мора да се гарантира дека податоците ќе бидат искористени само за таа цел и дека потоа ќе бидат уништени.

EU Datenschutzbeauftragter Peter Hustinx

Петер Хустинкс, Европски ополномоштеник за заштита на податоци

Ако сте технички верзирани, можете да собирате поддржувачи на вашата граѓанска иницијатива преку интернет. На забелешките на Петер Хустинкс, Европски ополномоштеник за заштита на податоци, веќе е одговорено во најголем дел - во објавената интернет листа на поддржувачи нема да стои имејл адресата или адресата на живеење, а никој од поддржувачите не мора да го наведе ниту личниот идентификационен број. Она што е нејасно, меѓутоа, е кој ќе провери на крајот на иницијативата дали податоците се на сигурно и дали потоа се уништени. Она што е јасно е дека организаторот на иницијативата гарантира и е одговорен во случај чувствителни податоци на поддржувачите на иницијативата да бидат објавени или употребени за други цели.

Милион поддржувачи од седум држави

За иницијативата не мора да се имаат поддржувачи од сите земји членки на ЕУ. Потребните милион потписи мора да доаѓаат од седум држави и тоа, зависно од земјите, пропишано е колкав број потписи од која земја треба да има на списокот. Тоа зависи од бројот на жители на земјите. На пример, од еден милион потписи, 74.000 мора да се од Германија, а од Малта само 4.500. Потоа за собраните потписи се добива потврда од надлежните национални власти.

Кога се‘ е собрано, Европската комисија одлучува дали ќе ја прифати иницијативата. Доколку ја прифати, почнува нормална постапка за носење закон. Европската комисија го презентира предлогот пред Европскиот парламент и Европскиот совет. Ако тие го прифатат, од Европската граѓанска иницијатива, за околу две години, може и навистина да произлезе закон.