1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Стартува големата владина коалиција на Германија

ЦДУ, ЦСУ и СПД сега се официјално коалициони партнери. Шефовите на партиите денеска во Берлин го потпишаа коалициониот договор. Утре претпладне Меркел треба да биде избрана во Бундестагот, по што следуваат заклетвите.

ЦДУ, ЦСУ и СПД денеска во Берлин официјално го потпишаа коалициониот договор. Во свечени рамки претседателите на партиите Ангела Меркел, Хорст Зехофер и Зигмар Габриел ја потврдија соработката во владата за наредните четири години.

Меркел го нарече коалициониот договор „добра основа за да се гради иднината на Германија“. Шефот на СПД Габриел во неговиот говор истакна дека коалиционите преговори биле во знакот на фер однос и голема отвореност, а шефот на ЦСУ Зехофер вети дека оваа партија и во наредните години ќе биде добар партнер.

Што содржи договорот за нова влада на Германија?

Во фокусот на договореното се финансиите, обезбедувањето благосостојба во земјата и социјална сигурност на граѓаните. ЦДУ, како што неодамна изјави канцеларката, ќе ги реализира централните предизборни ветувања. Таа нагласи дека нема да има зголемување на даноците, а освен тоа цел на идната коалиција ќе биде и „да не се задолжуваме натамошно“. Меркел укажа и на планираните инвестиции во сообраќајната инфраструктура во висина од пет милијарди евра, како и дополнителните средства за истражувања и за проширување на мрежата на градинки во земјата. Според Меркел, целосна вработеност во земјата е реална цел, а што се однесува до договорот за минимална плата од 8,50 евра бруто за работен час, оцени дека е тоа „фер компромис“.

Првиот човек на социјалдемократите Зигмар Габриел, кога беше парафиран договороот на крајот на ноември, подвлече дека прва цел на коалицијата ќе биде обезбедување стабилност во Европа и на еврото. Освен тоа, тој се осврна и на прашањето на енергетскиот пресврт во Германија, кој како што оцени е „најголемиот технички, еколошки и социјален предизвик од обединувањето до денес“. Целта на големата коалиција е да се стори сѐ за енергетскиот пресврт да биде можен во економски и социјален смисол. Габриел нагласи дека особено го радува тоа што коалицијата постигнала договор за социјален напредок на „малите вредни луѓе“. Со тоа Габриел мисли на минималната плата која ќе почне да важи од 2015 година и планираните подобрувања во делот на пензиите.

Шефот на Христијанско-социјалната унија Хорст Зехофер тогаш исто така оцени дека коалициониот договор е „добар“ и дека тој „ќе ја одведе земјата напред“. „Јас сум многу, многу задоволен“.

Утре (17.12.) Ангела Меркел треба да биде избрана за нов канцелар на Германија во Бундестагот. Потоа таа и членовите на нејзиниот кабинет ќе поднесат заклетви. Најголемо изненадување при распределбата на министерските места приреди партијата на канцеларот со назначувањето на Урсула фон дер Лајен за прва жена министер за одбрана во историјата на Германија. Инаку во кабинетот на Меркел оснауваат и Томас де Мезие, кој ќе го води Министерството за внатрешни работи и Волфганг Шојбле, кој како и досега ќе биде министер за финансии. Од социјалдемократите покрај шефот на партијата Зигмар Габриел, кој воедно ќе биде и вицеканцелар, на позицијата министер за надворешни работи се враќа Франк Валтер Штајнмаер. Ново име во кабинетот од редовите на СПД ќе биде Андреа Налес, која ќе застане на чело на Министерството за труд и социјала.