1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Стартот во знакот на „Ван Гол“ и Капитано

Повеќе од 100 дена траеше летната пауза, но сега фудбалската топка повторно се тркала во Бундеслигата. И веќе во првото коло имаше неколку изненадувања, еден куриозитет, но и едно долгоочекувано повторно видување.

default

Повратникот Михаел Балак го одигра целиот натпревар против Борусија Дортмунд

Капитано се врати. По четири години минати во Англија, долгогодишниот капитен на германската фудбалска репрезентација, Михаел Балак повторно игра во Бундеслигата. Стартот не можеше да биде подобар со оглед дека неговиот старо-нов клуб Бајер Леверкузен надмоќно ја совлада нагости Борусија Дортмунд. Повратникот беше презадоволен: „Повеќе човек не може да си посака. Почетна победа во Дортмунд, при што Борусија многу силно стартуваше во сезоната. Тоа е она што ми е потребно по три месечна пауза“, рече по вчерашниот меч Балак.

Bundesliga 1. Spieltag

Нистелрој го прославува еден од постигнатите два гола против Шалке со соиграчот Зе Роберто

Два гола на Руд ван Нистелрој

Едно од неколкуте изненадувања во првото коло на Бундеслигата се случи во вториот вчерашен натпревар во кој Мајнц на македонскиот репрезентативец Николче Новевски дома убедливо го совлада фаворизираниот Штутгарт.

Колото го одбележа и „Ван Гол“. Легендарниот холандски напаѓач Руд Ван Нистелрој ја започна сезоната со два гола за неговиот Хамбург кои беа одлучувачки за победата против ривалот за висок пласман Шалке 04 од 2:1. „Вечерите како оваа за еден фудбалер, но и за навивачите се причина зошто го прават сето тоа. Во ова мора да се ужива, но мора да останеме и смирени и да продолжиме натаму“, порача Нистелрој по мечот во кој настапи против својот поранешен партнер во нападот на Реал Мадрид, Раул кој меѓутоа одигра слабо во дебитантскиот настап за Шалке.

Исклучување по неполни две минути

FC Bayern München gegen VfL Wolfsburg

Бастијан Швајнштајгер беше стрелец на решавачкиот гол за Бајерн против Волфсбург

Изненадувања приредија и двата тима новајлии во Бундеслигата. Санкт Паули и Кајзерслаутерн славеа убедливи и идентични победи од 3:1 нагости против Фрајбург и Келн. „Ова е важно за нас за да можат играчите да сфатат дека можеме да играме во Бундеслигата, како што покажавме денеска“, констатираше тренерот на Санкт Паули, Холгер Станиславски.

Куриозитет на мечот меѓу Келн и Кајзерслаутерн беше најбрзото исклучување во историјата на Бундеслигата. По само 87 секунди игра, судијата поради груб старт му покажа црвен картон на капитенот на Келн, Јусеф Мохамад.

Изненадување може да се нарече и катастрофалниот пораз од 4:1 на Вердер Бремен од Хофенхајм, кој по првото коло може да се радува на првото место на табелата.

Хановер во саботата беше подобар од Ајнтрахт Франкфурт со 2:1, а единствениот нерешен исход во првото коло беше во Менхенгладбах меѓу домашната Борусија и Нирнберг.

Колото традиционално го отвори шампионот. Во Минхен актуелниот првак Бајерн извлече победа од 2:1 во последните секунди од натпреварот против квалитетниот Волфсбург.

Автор: Андреас Цимонс/ Симе Недевски

Редактор: Александра Трајковска